Friday, Jan 19, 2018
HomeДЕНЕШНАПолитикаФинансиска полиција кривично ја гони Канческа – Милевска

Финансиска полиција кривично ја гони Канческа – Милевска

elizabeta kanceska mileska

Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, нејзиниот заменик Драган Недељковиќ и против Ѓ.Т., државен советник за финансиски прашања и раководител на сектор за финансии во Министерството за култура, информираат од таму.

Кaнческа-Милевска и нејзините соработници се осомничени за кривично дело несовесно работење во службата и причинување штета на буџетот во износ од 2.770.640 евра.

„Во периодот од јули 2009 до февруари 2017, тројцата осомничени со пропуштање должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, на начин што спротивно на член 581 став 2 од Законот за трговски друштва, кој децидно наведува странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на Македонија се додека не организираат подружници, примиле времени ситуации – фактури од странскиот правен субјект „Светлост Театар“ ДОО Белград, кој не е регистриран даночен обврзник во Македонија“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Како што појаснуваат од таму, во фактурите, незаконски бил вкалкулиран дополнителен износ претставен како данок на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти, при што, министерот и заменик-министерот потпишале шеесет и четири решенија за исплата на средства, а раководителот на сектор за финансиски прашања потпишала налози за исплата на парични средства на штета на буџетот на Македонија, со кои извршиле плаќање во странство врз основа на 11 договори за извршување услуги, стоки и работи.

„Притоа, спротивно на член 14 став 2 од законот на ДДВ, извршиле противзаконска исплата на ДДВ надвор од границите на Македонија, иако извршените услуги, стоки и работи од страна на ‘Светлост Театар’ ДОО Белград се спроведени на територијата на Македонија“, се додава во соопштението на Управата.