Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионФиџи: Пет жртви во најсилниот ураган во историјата

Фиџи: Пет жртви во најсилниот ураган во историјата

На островите Фиџи во неделата започнаа големите операции за расчистување по минувањето низ овој архипелаг во Пацификот на најмоќниот ураган во историјата кој однесе пет човечки животи.
Ураганот Винстон беше следен од ветрови со јачина до 300 километри на час, забележа Центарот за тревожење од урагани на американските поморски и воздухопловни сили. Поголемиот дел од населението на Фиџи е без електрична енергија, а поради дождовите, постои опасност од поплави.

Винстон е единствениот ураган од категоријата 5 кој кога и да е го зафатил овој архипелаг, кој е целосно зависен од туризмот, а го населуваат околу 900.000 луѓе.

„Некои села соопштија дека сите куќи во нив се уништени“, изјави портпаролот на програмата на Обединетите нации за развој Јоне Туипелехаки.

На социјалните мрежи жители на Фиџи објавуваат фотографии од куќи од кои едноставно се откорнати покривите, поплавени улици и урнати столбови за сигнализација.

Премиерот Франк Бајнимарама потврди дека загинале пет лица и прогласи 30-дневна вонредна состојба, а полицискиот час го продолжи до понеделникот наутро, за да се „гарантира безбедноста на сите жители на Фиџи“.

Арис Лоу-МекКензи, директорка на невладината организација Save the Children, објасни дека е прерано за процена на штетите на најзафрлените острови на архипелагот, кој ги има вкупно 320. „Особено сум загрижена за судбината на заедниците коишто живеат на оддалечените острови, кои сé уште не успеавме да ги контактираме. Додека повторно не се воспостават врските, нема да знаеме каква е состојбата“, рече Лоу-МекКензи.

Ураганот Винстон го погоди централниот остров Вили Лев, каде се наоѓа главниот град Сува, кој е релативно поштеден од разурнувања, Сите училишта, од кои многу служат како засолништа, ќе останат затворени следната седмица, а авионските летови се прекинати. Многу жители ноќта ја минаа во центрите за евакуација, каде добија храна и вода.

Според локалните метеоролошки служби, ураганот Винстон скршнал кон морето и се наоѓа на околу 230 километри западно од Нади. На овој малезиски архипелаг очекуваат силни ветрови, обилни дождови и големи бранови.