Tuesday, Apr 23, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈАвтомобилизамФетел по победата: Имав среќа што Хамилтон влезе во мешаница

Фетел по победата: Имав среќа што Хамилтон влезе во мешаница

Стартуваше од втората позиција, заврши како прв. Себастијан Фетел триумфира во трката за Големата награда на Австралија, прва во новата сезоната во Формула 1 шампионатот. Победничкото време што притоа го оствари Германецот на Ферари беше 1:24:11,672 часа.

„Целиот тим е исклучително среќен. Не бев задоволен со стартот, имаше лизгања, но се обидов да го задржам притисокот врз Луис и да дадам до знаење дека сум тука и дека ќе се борам до крај во трката како и во сезоната. Делумно имав и среќа што Хамилтон по враќањето на патеката влезе во мешаница“, рече Фетел по настапот на „Алберт парк“.

Оваа за Фетел е 43 победа во кариерата, петта на австралиското Гран при и прва по две години во Мелбурн. Ја зграпчи и сочува до крај благодарение на грешката на Мерцедес и влегување во бокс поради што Британецот, кој тргна од пол-позицијата, заврши на второто место.

„Честитки за Фетел и Ферари. Имав доста проблеми на почетокот со болидот и затоа морав порано да влезам во бокс. Тој го искористи моментот за што уште еднаш му честитам. Убаво е што повторно се гледаме, среќен сум што новата сезона, конечно, почна“, рече Хамилтон.

Третото место го освои Финецот Валтери Ботас кој оваа сезона дојде во Мецедес како замена за ланскиот шампион Нико Розберг. Четврти беше неговиот сонародник Кими Раиконен. Бодови освоија уште Мак Ферстапен од Ред Бул, Фелипе Маса од Вилијамс, Серхио Перез и Естебан Окон од Форс Индија, Карлос Сајнц јуниор од Торо Росо и неговиот клупски колега Данило Квјат.

Наредната трка во Формула 1 шампионатот ќе се вози на 9 април во Шангај за ГН на Кина.