Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАСветФејсбук доставил докази за мешањето на Русија во изборите во САД

Фејсбук доставил докази за мешањето на Русија во изборите во САД

Американската компанија „Фејсбук“ открила извори поврзани со Русија кои платиле околу 100.000 долари за неколку илјади политички реклами на оваа социјална мрежа, пренесува „Би-би-си“.

Од „Фејсбук“ за тоа ги известиле американските власти кои ја истражуваат наводната вмешаност на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година.

„Во рамки на проруската кампања се потрошени 100.000 долари за околу 3.000 реклами во период од две години, заклучно со мај 2017 година“, соопшти компанијата што ја поседува социјалната мрежа.

Доказите се предадени на специјалниот обвинител Роберт Милер, кој раководи со истрагата за вмешаноста на Русија во минатогодишните претседателски избори.

Платените огласи ги пренасочувале корисниците кон 470 профили кои ширеле лажни информации или ги кршеле условите на оваа социјална мрежа.

„Рекламите и профилите се фокусирале на ширење различни општествени и политички пораки“, стои во соопштението на „Фејсбук“ и се додава дека профилите сега се исклучени.

Проруската кампања е откриена во рамки на интерната истрага на „Фејсбук“ за можни злоупотреби на социјалната мрежа во предизборната кампања во САД.