Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСветФБИ прави специјален оддел за Русија

ФБИ прави специјален оддел за Русија

Американското Федерално биро за истраги (FBI) планира да создаде специјална единици којашто ќе биде ангажирана на координација на истрагата за наводната „руска интервенција“ на ланските претседателски избори во САД. Според изворите на весникот Financial Times, овој оддел ќе има цел да му достави на директорот на Бирото, Џејмс Коми, дополнителни можности за пристап до деталите од истрагата. „Тој (одделот) е наменет за зголемување на ресурсите“, рекол неименуван агент на FBI.

Се наведува дека вообичаено Бирото преферира да спроведува истраги од една од своите 56 филијали. Сепак, според поранешни и сегашни функционери, за истражување на „руското мешање“ во претседателските избори, неопходно е централно раководење со истрагата. Financial Times истакнува дека новиот оддел ќе биде сместен во седиштето на FBI во Вашингтон, а ќе почне да функционира од следниот месец.

Се очекува дека контролата над новата служба ќе му биде доделена на специјалист по контраразузнавање, кој еднаш седмично ќе му поднесува извештај за работата на Коми и секојдневно ќе дава отчет пред заменикот директот на FBI, Ендрју Меккејб. Вкупно во одделот ќе има 20 агенти, од целата земја.

Весникот пишува и дека иследниците на FBI, исто така, ќе можат да ја оценуваат можноста за покренување кривични постапки. Сепак, како што се додава во написот, многумина песимистички ги оценуваат изгледите на овој оддел, поради тешкотијата во обезбедувањето докази за руската страна. Претходно директорот Коми изјави дека Бирото го истражува „руското мешање“ во изборите и „врските на изборната кампања на Трамп со Русија“.

Од своја страна, Москва повеќепати ги отфрли наводите на американското разузнавање за наводно обиди на руската влада да влијае врз изборите во САД. Медиумските извештаи дека претставници на изборниот штаб на актуелниот американски претседател Доналд Трамп биле во постојан контакт со руски функционери, во Кремљ ги опишуваат како неосновани.