Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕвропскиот парламент го одобри воведувањето на системот за влез на странци

Европскиот парламент го одобри воведувањето на системот за влез на странци

Заедничкиот електронски систем за регистрација на сите државјани на земји што не се во ЕУ при нивниот влез во шенген-зоната беше поддржан од Европскиот парламент на пленарна седница во Стразбур.

Системот кој би требало да профункционира во 2020 година, односно Влез/излез-систем (Entry/Exit System -EES), ќе ги содржи името, копија од пасошот, отпечатоци од прстите, биометриска фотографија, датум и место на влез во шенген-зоната, а исто така и за излез и информација дали на лицето му е забрането да влезе во зоната. Во него ќе мора да се регистрираат и жителите на земји за кои не е потребна виза за влез и за престој во шенген-зоната до 90 дена, меѓу кои е и Македонија.

Според ЕУ, така ќе може полесно да се утврди дали некој го пречекорил максималниот рок од 90 дена за престој во зоната, а се тврди и дека ќе ги олесни граничните процедури, бидејќи не ќе треба да се удираат печати во пасошите. Според законодавецот, тоа ќе овозможи и полесно откривање на лажни идентитети и на фалсификувани документи. ЕУ смета дека со системот полесно ќе се спречуваат терористички напади или сериозни кривични дела.

Податоците ќе се чуваат во системот во период од три години, а за тие што го пречекориле рокот за престој – до пет години.

Во системот ќе бидат вклучени и Бугарија и Романија, кои ја поминаа евалуацијата и добиваат пасивен пристап, за разлика од Хрватска, која допрва треба да ја помине евалуацијата.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по средбата со косовскиот колега Беџет Пацоли денеска, порача дека ќе разговара со колегите од регионот за заеднички сите да ѝ посочат на ЕУ дека не се потребни дополнителни оптоварувања на можностите за патување.