Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕвропратениците задоволни од динамиката на спроведување реформи

Европратениците задоволни од динамиката на спроведување реформи

Европратениците Кнут Флекештајн, Едвард Кукан и Иво Вајгл, вчера и денеска имаа средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со лидерите на политичките партии и со координаторите на пратеничките групи, со кои разговараа за актуелните случувања во земјата и за зајакнување на политичкиот дијалог во Собранието.

Тројцата европратеници, како што се наведува во заедничката изјава, со македонските политичари и функционери, разговарале за реформската агенда неопходна за членство на земјата во ЕУ и за ефикасното институционално функционирање на Собранието.

„Разговаравме за предизвиците во Собранието во актуелната политичка клима и се согласивме дека политичкиот дијалог е суштински за напредок во однос на итните реформи и за подобрување на парламентарната култура и атмосфера во парламентот“, велат европратениците.

Тие наведуваат дека нивните соговорници ја поздравиле посветеноста на Европскиот парламент и неговите предлози за поддршка на дијалогот и за потрага по компромиси, што е карактеристично за сите ефективни и модерни парламентарни институции.

„Разговаравме како да го продолжиме политичкиот дијалог во парламентот и како да го поддржиме градењето на капацитетите за вработените и за пратениците, вклучувајќи ја и техничката експертиза поддржана од Европската комисија“, се вели во изјавата и се додава дека во соработка со еврокомесарот Јоханес Хан, секогаш ја покажувале својата солидарност да работат со Собранието, поддржувајќи ја евроинтеграцијата на земјата.

Тројцата европратеници наведуваат дека забележале нова динамика во земјата, како и интерес од Џафери и од лидерите на политичките партии да се вклучат во дијалог за прашања од стратешка важност за државата и за нејзините граѓани, вклучувајќи ги и реформите потребни за земјата да напредува на патот кон европската интеграција.

„Пред локалните избори, ние исто така ги охрабруваме сите политички претставници и институции да дејствуваат одговорно и да гарантираат дека сите граѓани ќе имаат право слободно да го остварат своето демократско право“, велат Вајгл, Кукан и Фленкештајн.