Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаЕврообврзницата ќе има по секоја цена, овој пат со уште повисока камата

Еврообврзницата ќе има по секоја цена, овој пат со уште повисока камата

Владата е решена по секоја цена да издаде еврообврзница игнорирајќи ги предупредувањата на економските експерти за неодржливоста на јавниот долг и таа е повторно пуштена на финансиските пазари овој пат со повисока камата од 5.8%, а се очекува да се соберат барем 300 милиони евра со 7 годишна обврска на хартијата од вредност. Главната причина за ваквото големо задолжување според експертот Ванчо Узунов е што власта не може да обезбеди толкава сума на пари од домашниот пазар.

„Државата кога ќе се задолжи, странците што ќе ги дадат парите не ги интересира дали издавањето е законско или не. Ако долгот не се враќа, тие ќе стават такви санкции и мораториум, што долгот ќе биде вратен со двојно поголема камата. Државата може да се задолжи и на домашниот пазар, но мислам дека пресметала дека дома не може толку лесно да испумпа толкава сума на пари“, изјави Ванчо Узунов универзитетски професор.

Продолжуваат и обвинувањата на опозицијата за расипничко трошење на парите и финансиско злосторство врз сопствениот народ бидејќи државниот долг е превисок за да се сервисира и ќе страдаат идните генерации.

“Уште еднаш им укажуваме на агентите за издавање на еврообврзницата, Сити Груп, Дојче Банк, Ерсте Банк, Сосиете Женерал и потенцијалните кредитори, дека ова задолжување е незаконско и ќе биде предмет на оспорување како законски јавен долг по промената на власта“ , велат од СДСМ.

Од владејачката партија посочуваат дека на државата и се неопходни средства за развој и за продолжување на сите проекти, како и одржување на буџетските цели и еврообврзницата ќе се издаде според сите законски одредби.