Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕвроинтеграциите тема на средбата на Иванов со амбасадорите на ЕУ

Евроинтеграциите тема на средбата на Иванов со амбасадорите на ЕУ

Потребно е Европската Унија да направи исчекор и да определи датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, односно да овозможи отворање на поглавјата 23 и 24, порачал претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на денешната работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, на средбата Иванов нагласил дека лидерите на парламентарните партии треба да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија, а приоритет да се даде на закони и на решенија од европската агенда.

„Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија ја поздравија одлуката на претседателот Иванов за доделување мандат за составување Влада на Република Македонија, со што се отвора можноста за нормализација на состојбите и за политичка стабилност во земјата. На средбата беше истакнато заемното очекување новата влада во своите приоритети да ја има ЕУ-агендата, односно реформите кои ќе ја забрзаат интеграцијата на Република Македонија во ЕУ“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

На средбата се разговарало и за предизвиците со кои се соочуваат Република Македонија и целиот регион, како што се мигрантската и безбедносна криза, екстремниот радикализам, подемот на националистичка реторика во регионот. Амбасадорите се интересирале и за неодамнешните посети на претседателот Иванов на Јордан, Русија и на Ватикан, како и за претстојните учества на самитот Брдо-Бриони и на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.