Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепублика„Евробарометар“: Македонците повеќе и веруваат на ЕУ отколку на Владата

„Евробарометар“: Македонците повеќе и веруваат на ЕУ отколку на Владата

Македонците имаат поголема доверба во Европската Унија, отколку во македонските институции, односно Собранието и Владата, покажа истражувањето „Стандард Евробарометар“ што го спроведе Европската комисија во земјите членки на ЕУ и во петте земји кандидатки, Србија, Албанија, Црна Гора, Турција и Македонија.

Според анкетата, 58 отсто од Македонците имаат доверба во ЕУ, што е за 25 отсто повеќе од довербата што граѓаните на 28 земји-членки ја имаат во Унијата. Недовербата во националните парламенти и во националните влади е речиси идентична. Вкупно 64 отсто од Македонците немаат доверба во Парламентот, додека 28 отсто му веруваат. Кај земјите членки на ЕУ, довербата во националните парламенти изнесува 28, додека недовербата е 65 отсто.

Во Македонија, 62 отсто од граѓаните, според истражувањето не и веруваат на Владата, а само 30 отсто и изразиле доверба. Во земјите на ЕУ, процентот на недоверба во националните влади е 68 отсто, додека довербата е 27 отсто.

doverba-istrazuvanje-670x471

Во однос на економската состојба, 35 отсто од анкетираните Македонци сметаат дека таа е иста како и лани, а исто толкав процент смета дека е полоша. Само 23 отсто од испитаниците сметаат дека економската состојба се подобрила во последните 12 месеци. Анализата покажува дека годинава се намалил бројот на оние кои сметаат дека е економската состојба е иста, а пораснал бројот на оние кои сметаат дека е влошена.

Анализата покажала дека најголемите проблеми со кои се соочува македонскиот граѓанин се финансиската состојба во семејството, невработеноста и условите за живот, додека на жителите на ЕУ, најголеми проблеми им се растечките цени и пензиите, па дури потоа им е невработеноста.

Истражувањето наведува дека загрижувачки е податокот што 48 проценти од Македонците сметаат оти најлошото допрва доаѓа на пазарот на труд. Најголем процент од младите луѓе, на возраст до 24 години, кои се уште студираат, се надеваат дека додека дојде нивното време за да излеат на пазарот на труд, ситуацијата ќе се придвижи кон подобро.

МЕТА