Thursday, Apr 25, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈФудбалЕВРО 2016: Можат ли „Змаевите“ да ги голтнат „Ѓаволите“?

ЕВРО 2016: Можат ли „Змаевите“ да ги голтнат „Ѓаволите“?

Фудбалерите на Велс и Белгија вечерва го играат второто четвртфинале од Европското првенство во Франција, со почеток од 21:00 часот во Лил. Велс Заврши прв во групата Б, потоа во осминафиналето ја елиминираа Северна Ирска откако автогол си постигна Меколи, додека Белгија беше убедлива против Унгарија со 4:0. Селекторот на „Змаевите“ Крис Колман истакна дека неговата селекција сака да направи нов чекор на дебитантскиот настап на Европските првенства.

„Во натпреварот против Белгија сакаме да уживаме, како што тоа го правевме и до сега на шампионатот. Немаме што да загубиме бидејќи веќе завршивме голема работа. Ова е еден голем тест за нас. Моите момци се фантастични и сакаат да направат уште еден чекор понатаму. Белгија е една од најдобрите репрезентации во светот. Последните неколку години игравме четири пати против нив, па така се познаваме добро меѓусебе. Ние сме Велс и се зависи од нас“, изјави селекторот Колман кој најмногу надеж ќе влева го Герет Бејл, еден од тројцата најдобри стрелци на првенството.

„Црвените ѓаволи“, кои ја креваат формата после почетниот пораз од Италија, истакнуваат дека вниманието е вистинскиот начин да се дојде до триумф.

Велс-Белгија-2

„Велс се брани одлично, тоа посебно го покажаа овде во Франција. Еднаш ги добивме, еднаш загубивме и два пати ремизиравме. Меѓу нас нема тајни, но се ќе биде поразлично во овој натпревар. Велс има играчи кои со еден потег можат да го решат натпреварот, па така мораме да биде внимателни и добро да ги покриваме“, изјави селекторот Марк Вилмотс.

Белгија нема да може да смета на Јан Вертонген кој го повреди зглобот и го заврши натпреварувањето.

„Вертонген заработи повреда на трите лигаменти на зглобот. За него овој шампионат е завршен и ова е вистинска спортска трагедија. Многу ми е жал бидејќи во физичка и психичка смисла беше одлично подготвен. На првенството дојдовме без Компани, но главата горе, нема да се предадеме“, додаде Вилмотс.