Friday, Mar 29, 2024
HomeСТУДЕНТУМЕве колку доктори на науки и магистри чекаат вработување

Еве колку доктори на науки и магистри чекаат вработување

Во списоците на Агенцијата за вработување во Македонија има 14.135 невработени лица со високо образование. Од нив 31 се доктор на науки и 927 магистри. Од докторите на науки најмногу има со докторати од филозофските науки, економисти и правници. Од магистрите најбројни се правниците и економистите.

Трендот на зголемување на бројот на магистри и натаму е во пораст – лани магистрирале 2.202 лица, а во 2012 – 1.000 лица. Лани се регистрирани нови 246 доктори на науки, а во 2012 година таа бројка беше 146. Во 2009 година овие бројки беа 425 магистри и 119 доктори на науки.

Општ е впечатокот дека во земјава лесно се стигнува до овие звања. Од Министерството за образование и наука уште во април годинава најавија дека новиот состав на Одборот за акредитација и евалуација ќе го проверува целиот процес и квалитетот на магистерските и докторските студии и проверка на оваа хиперпродукција на магистранти и докторанти.

Најголем број од магистерските трудови, 70 отсто, се од областа на општествените науки (16% се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки).