Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаЕуромакс реагира на критиките на ДОМ за проектот за рудник за злато во Иловица

Еуромакс реагира на критиките на ДОМ за проектот за рудник за злато во Иловица

По одржувањето на јавната расправа за Оценката за влијание врз животната средина и жестоките критики на ДОМ, активисти и локални жители, реагира и компанијата Еуромакс која ја има концесијата за изградба и експлоатација на предвидениот рудник за злато во Иловица.

– Ги отфрламе паушалните и неточни констатации од страна на политичка партија кои се изнесуваат во јавноста, за наводните негативните влијанија проектот за бакар и злато – Иловица во општината Босилово. Еуромакс Ресоурцес прифаќа секаква аргументирана и отворена дебата за проектот за бакар и злато – Иловица, но не прифаќа да биде ставен во политички контекст врз основ на паушални заклучоци,  од компанијата.

Претходно Тони Ристов, портпаролот на ДОМ, посочи дека: „Проектот ќе има сериозни закани по здравјето на луѓето преку загадувањата на почвата, водите и воздухот со опасни тешки метали и хемиски супстанции, а воедно ќе направи и непоправлива промени на релјефните карактеристики на пределот и загрозување и уништување на водотеците, животинскиот и растителниот биодиверзитет на целиот струмички регион, но и во соседните земји Бугарија и Грција“.

Еуромакс понатаму вели дека во интерес на правилно и точно информирање на јавноста за проектот за бакар и злато – Иловица  во општината Босилово, јасно нагласува дека целиот проект се одвива согласно македонското законодавство и највисоките светски стандарди од областа на рударството, животната средина и социјалните аспекти.  Влијанието од проектот се јасно наведени во студијата која е јавно достапна и компанијата ги повикува сите заинтересирани страни да се информираат од овој детален документ, кој дава најдобар приказ за проектот и влијанијата од него наспротив паушалните заклучоци.

Еуромакс Ресоурцес е реномирана компанија која котира на берзата во Торонто, Канада. Оттука сите активности на компанијата се според највисоките светски стандарди  и редовно и транспарентно се објавуваат и се достапни за сите заинтересирани страни.

Развојот на проектот за бакар и злато во Иловица тече веќе 10 години во соработка со сите релевантни државни институции на Р. Македонија. Компанијата концесијата за експлоатација ја доби во 2012 година, по што продолжуваат сите активности за исполнување на обврските што произлегуваат од македонското законодавство.

Компанијата исто така ги зема во предвид и ставовите и мислењата на локалната заедница преку серијата Отворени денови за јавноста што беа организирани и каде граѓаните имаа можност да ги дадат своите предлози и сугестии.

На досегашните истражувања и изготвувањето на Студијата за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, студија која е предадена на одобрување во Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај тимот на Еуромакс работеа и независни експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кои работеа на истражување и утврдување на социо-економските состојби, сообраќајот, квалитетот на воздухот и бучавата. Домашната компанија „Биомастер“ работеше во делот на екологијата, археологијата и културното наследство, а Музејот во Струмица, водостопанството „Струмичко Поле“ од  Струмица, Управата за хидрометеоролошки работи, пречистителната станица „Иловица“ и шумското стопанство „Беласица“ од Струмица се вклучија во областите од нивен домен. Покрај домашните надлежни институции, на оваа студија работеа и врвни меѓународни консултантски компании „Голдер Асоушиејтс“ и „Шламберже Уотер Сервисис’’ со огромно искуство во областа.

Нивната експертиза, искуство и знаење за различните аспекти на проектот за бакар и злато во Иловица е своевидна гаранција и потврда за нивните наоди што се содржат во Оцената на влијанието на проектот врз животната средина.

Во проектот за рудникот за бакар и злато – Иловица Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) учествува со удел од 20%, чие присуство само е дополнителна потврда за почитување на строгите критериуми особено во делот на животната средина. Токму затоа првичната Студија за оценката на влијанието на проектот врз животната средина и социјалните аспекти, што е еден од клучните документи за добивање на понатамошните дозволи за отворање и работа на рудникот, беше проширена за да се задоволат високите стандарди на ЕБРД како и Екватор принципите.

Покрај ЕБРД дел од овој проект е подржан и од Германскиот гарантен фонд (UFK = Garantien für Ungebundene Finanzkredite) кој го поддржа проектот за заем од 240 милиони евра за финансирање на проектот во следните 12 години.

Проектот за бакар и злато – Иловица е еден од најголемите грин филд инвестиции во Македонија и  предвидува вложувања од околу 500 милиони долари, а се предвидува да се вработат директно над 400 лица. Според анализите, со отворањето и работата на рудникот вредноста на извозот во Р. Македонија ќе се зголеми за 300 милиони евра на годишно ниво, стои во соопштението на Еуромакс.