Tuesday, Nov 21, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕуробарометар: Македонија се движи во лоша насока, а влезот во ЕУ е добра работа

Еуробарометар: Македонија се движи во лоша насока, а влезот во ЕУ е добра работа

evropska komisija

Граѓаните на Македонија сметаат дека државата се движи во лоша насока, дека членството во ЕУ ќе биде добра работа, се чувствуваат приврзани за државата и многу ретко посетуваат земји од ЕУ, покажува најновото истражување на „Еуробарометар“.

На прашањето „Дали мислите дека државата се движи во добра насока или во лоша насока?“, 34 отсто од испитаниците одговориле дека таа се движи во добра насокаа, а 48 отсто – во лоша насока. Според истражувањето, 34 отсто сметаат дека економската состојба во следните 12 месеци ќе биде подбра, полоша сметаат 25 отсто, а дека ќе остане иста сметаат 33 отсто.

Многу задоволни од животот што го водат се само 10 отсто од граѓаните, доволно задоволни се 50 отсто, не многу задоволни 22 отсто и 16 отсто се целосно незадоволни.

Дека имаат многу добра работа сметаат ниски 7 отсто од анкетираните, поприлично добра имаат 38 отсто, поприлично лоша 23 отсто и многу лоша работа имаат 20 отсто од граѓаните. Само 6 отсто имаат многу добра финансиска состојба во нивниот дом, 51 отсто имаат добра, 28 отсто се изјасниле дека се во лоша финансиска состојба, а 14 отсто имаат многу лоша финансиска состојба.

Јавните услуги се многу добри само за 3 отсто од граѓаните, за 31 отсто се добри, а ист е бројот и на тие што сметаат дека се лоши. За 29 отсто од испитаниците јавните услуги се многу лоши.

Членството на Македонија во ЕУ е добра работа мислат 57 отсто од граѓаните, за 15 отсто тоа е лоша работа, а за 26 отсто – ни добра ни лоша. Висок процент на граѓани, 69 отсто, сметаат дека Македонија ќе има придобивки од влезот во ЕУ. Македонците мислат дека ЕУ се движи во добра насока, за што се одлучиле 58 отсто од испитаниците, а дека САД се движи во вистинска насока мислат 50 отсто.

На прашањето „Дали сметате дека вашиот глас важи во вашата држава?“, 32 отсто целосно се согласуваат, 26 отсто се согласуваат, не се согласуваат 16 отсто, а целосно не се согласуваат 20 отсто.

Македонците се чувствуваат многу приврзани за својата држава. Ваков одговор дале 60 отсто од испитаниците, додека воопшто неповрзани со државата се чувствуваат ниски 3 проценти.

Високи 54 отсто од граѓаните во последните 12 месеци воопшто не посетиле друга земја од ЕУ, 23 отсто посетиле ЕУ-земја неколкупати, 23 отсто посетиле еднаш или двапати.

Истражувањето е спроведено во мај оваа година, односно пред формирањето на новата влада, а објавено е минатиот месец. Анкетите се однесуваат на перцепцијата на грѓаните во 28 земји членки на ЕУ, како и во петте земји кандидатки за членство – Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Турција.