Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕУ: Патарините да се наплаќаат зависно од емисијата на СО2 честичките

ЕУ: Патарините да се наплаќаат зависно од емисијата на СО2 честичките

Европската Комисија предлага висината на патарината да се наплаќа според емисијата на СО2 за сите видови моторни возила. Оваа мера треба да донесе намалување на уделот што сообраќајот го има врз загадувањето на животната средина. Се повлекуваат и вињетите.

За првпат на ниво на цела ЕУ ќе важат единствени принципи за одредување на висината на патарината за моторните возила. Според последниот предлог на Европската Комисија, за патничките автомобили, камионите, автобусите и доставните возила ќе се наплаќа дополнителна ставка покрај редовната патарина, чијашто висина ќе се одредува според емисијата на СО2.

За возилата со повисока емисија ќе се наплаќа повисока патарина, за оние со пониска емисија ќе биде пониска и патарината. Според тоа, мерата нема за цел да го зголеми приходот од наплата на патарина, туку првенствено е замислена да го поттикне преоѓањето на почисти возила. Учеството на тешките товарни возила во сообраќајот е мало во споредба со останатите возила, но тие произведуваат една третина од вкупната емисија на СО2 од сообраќајот.