Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЕУ нуди работа за градежници, молери и камионџии од Македонија

ЕУ нуди работа за градежници, молери и камионџии од Македонија

Градежници, возачи на шлепери, молери, пица мајстори, готвачи и келнери се најчестите струки кои се бараат на огласите за вработување во странство, но под еден услов само со бугарски пасош. Бугарскиот пасош е “зелен картон” за влез во Европската Унија и шанса да се најде подобро платена работа, нови можности и перспективи за подобар живот, сметаат младите кои заминуваат од земјава.

Платите се движат над 1.500 евра за работа во Германија, а Македонците кои не го познаваат јазикот одлучуваат да заминат во Хрватска или во Словенија, каде што најчесто наоѓаат работа во угостителски објекти или на некое градилиште.

“Македонците масовно вадат бугарски пасоши со кои заминуваат да работат во странство. Пасошите ги бараат за да може слободно да работат во земјите од ЕУ. Со македонскиот пасош имаат пречка да останат подолго време, а со бугарскиот немаат таков проблем. Во некои земји, како Холандија на пример, ако обезбедат престојувалиште, добиваат и право на холандска пензија која изнесува околу 850 евра месечно”, раскажува Македонец кој работи како посредник при аплицирање за бугарски пасош, кој инсистираше на анонимност.

Услугата за посредување за бугарски пасош чини од 350 до 400 евра, а процедурата за добивање пасош е макотрпна и бавна и трае од една до година и пол. “Порано многу брзо Македонците стануваа ‘Бугари’, но сега поради зголемениот број на барања, процедурата за добивање бугарски пасош трае подолго”, ни рече посредникот.
Според него во оваа сума се вклучени сите услуги за целосно добивање на сите потребни документи – државјанство, лична карта и пасош. Во цената влегуваат и сите консултации за сите потребни основни документи за потекло, судски превод на бугарски на сите документи, како и пополнување на формуларите.

“Нудиме и помош при пристигнување во Бугарија, нотарски услуги и друго, без трошоците за превоз до самата агенција во Бугарија”, објаснува посредникот. Според пишувањата на бугарските медиуми, за 10 години околу 60 илјади Македонци станале “Бугари”. Министерството за правда во Бугарија на овие лица им побарало да знаат да зборуваат бугарски јазик и да ја познаваат бугарската историја, но и да докажат дека имаат роднини во Бугарија.
(И. С.)

Извор: vest.mk