Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕУ ќе бара „мигрантско партнерство“ со африканските земји

ЕУ ќе бара „мигрантско партнерство“ со африканските земји

По договорот со Турција, Европската комисија денеска ќе претстави нов план за решавање на бегалската криза кој предвидува склучување т.н. „мигрантско партнерство“ со девет африкански земји.

– Еврокомисијата и предложи нови мигрантнски партнерства, посебно со Африка. Ќе понудиме нови сеопфатни партнерства, прво за девет држави кои се земји на потекло или транзит за бегалците, изјави европскиот комесар за миграција и внатрешни прашања Димитрис Аврамопулос во интервју за германскиот весник „Велт“.

Тој прецизираше дека станува збор за Јордан, Либан, Тунис, Нигер, Мали, Етиопија, Сенегел, Нигерија и Либија и дека списокот на земји со текот на време може да се прошири на други држави од Африка и Азија.

– Целта на ваквото партнерство е сузбивање на причините за заминување на бегалците и намалување на приливот на илегална миграција во Европа – објасни Аврамопулос.

Тој додаде дека идејата е заснована врз искуството од договорот со Турција.

-Но тоа нема да биде чиста копија. Не можат истите критериуми да се пренесат на сите земји. Со секоја од овие девет држави сакаме да постигнеме различни договори, рече Аврамопулос.

Според него, ЕУ сака да ги убеди овие земји повторно да ги прифатат илегалните мигранти, доследно да се борат против криумчарењето луѓе, како и ефикасно да ги штитат своите граници.

Тој додаде дека оние држави кои ќе се покажат како „некооперативни“ можно е да се соочат со последици.