Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионЕСР: Романија и Бугарија не беа подготвени да влезат во ЕУ

ЕСР: Романија и Бугарија не беа подготвени да влезат во ЕУ

Европскиот суд на ревизори ја открива малку позната страна на Европската унија, откривајќи дека првично се спротиставил на приемот на Бугарија и Романија во ЕУ, јавува дописникот на МИА.

Бугарија и Романија и се приклучија на ЕУ во јануари 2007 година, што се случило и покрај спротивното мислење на Европскиот суд на ревизори (ЕСР), кој процени дека двете земји не беа подготвени за тоа. Во извештајот објавен на 12 септември европските ревизори нагласуваат дека сакаат да се избегне истата ситуација во идните проширувања.

Иштван Шаболч Фазакас, член на судот, презентирајќи ја на прес-конференцијата „мета-ревизијата” на Агенцијата за тоа како се користи помошта од претпристапните фондови во земјите кандидати, особено во земјите од Западен Балкан, потсети на неговото искуство како претседател на парламентарната комисија за контрола на буџетот во 2006 година, кога Бугарија и Романија се подготуваа да влезат во Унијата.

Во извештајот на ЕСР за Бугарија и Романија во јули 2006 година јасно се наведува дека на двете земји им треба повеќе време за да се подготват за членство во Европската Унија, со што европските пари ќе бидат инвестирани на соодветен начин, изјави Иштван Шаболч Фазакас.

Како претседател на Комисијата за контрола на буџетот, тој се консултирал со Оли Рен, тогашен комесар за проширување, кој одговорил: За жал, тоа е премногу доцна, рацете ми се врзани, политичката одлука за влез на Бугарија и Романија во ЕУ на 1 јануари беше донесена од страна на земјите-членки по препораките на Комисијата “.

Комесарот му се заблагодарил на Иштван Шаболч Фазакас и оценил дека тој можеби е во право, но дека неговата улога е да се осигура дека пристапувањето во ЕУ ќе биде на 1 јануари како што е планирано.

Истото сценарио се повтори и со пристапувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година. Денес, не постои таков притисок, Жан-Клод Јункер одлучи дека нема да има натамошно проширување пред крајот на неговиот мандат во 2020 година.

Во иднина, ЕСР извештај за земјите-кандидати ќе биде планиран две години пред закажаниот пристап за да се избегнат грешките од минатото.

Иштван Шаболч Фазакас, исто така, наведе дека „мета-ревизијата” за Западен Балкан, која ја надополнуваат извештаите за секоја земја поединечно е иницијатива на Европскиот суд на ревизорите. Првично, Комисијата беше изненадена, но рече дека ЕСР ќе даде подобра слика за тоа како се потрошени 5,1 милијарди евра претпристапна помош доделени од страна на Комисијата во периодот меѓу 2007 и 2014 година, со цел да се извлечат поуки за во иднина.

Задачата не беше лесна, со оглед дека ревизијата на помошта на балканските земји беше попречена од страна на „значајни недостатоци” од страна на националните влади, се истакнува од Судот на ревизорите.

За да се принудат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија да соработуваат, финансирањето може да се намали или суспендира, велат од ЕСР.

Во извештајот се наведува посебно „слабиот административен капацитет” и „недостиг на политичка волја за реформи на институциите” во некои земји.

Ревизијата, исто така, укажува на намалување на средства за реформа на судството, слободата на медиумите и борбата против организираниот криминал и корупцијата во регионот на Западен Балкан.

Резултатите од проектот за борба против корупцијата во Албанија, на пример, беа погодени од недостигот на средства и персонал, како и надзор на владата.

„Ако тимови за борба против корупцијата не се независни , тие се бескорисни”, вели судот на ревизори.

Инфраструктурни проекти така добиваат повеќе финансиски средства отколку мерките за зајакнување на владеењето на правото.

„Полесно е да се изгради мост, пат или детска градинка, да се стави знамето на ЕУ и да речат дека проектот е спонзорирана од страна на ЕУ. Главните цели тука имаат видливи резултати “, се жали судот.

Според ЕСР, на политичкиот дијалог со ЕУ на земјите од Западен Балкан, треба да се фокусираат на реформите во судството, за земјите-кандидати да се ослободат од корупцијата и организираниот криминал пред нивното пристапување во ЕУ.

Преговорите за пристапување се отворени за Србија и Црна Гора, но не и за Албанија и Македонија. За БиХ и Косово, од своја страна, вети дека нивните кандидатури ќе бидат разгледани кога тие ќе бидат подготвени.