Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕрдоган и се налути на Меркел

Ердоган и се налути на Меркел

Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган денеска остро ја критикуваше германската канцеларка, Ангела Меркел бидејќи не го сопрела гласањето во германскиот парламент со коешто погромот на Ерменците од 1915 година е прогласен за геноцид и не исклучи рестриктивни мерки кон Германија.

Ердоган кажа дека не разбира зошто Меркел не успеала да ја убеди својата партија, владејачката демохристијанска унија CDU/CSU да гласа против резолуцијата, тврдејќи дека таа ветила дека ќе го стори сето она што е во нејзина моќ за да го спречи гласањето.

„Сега се чудам: како по таквата одлука германските челници ќе се соочат со мене и со нашиот премиер“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во интервјуто објавено во саботата во неколку дневни весници, вклучително и секогаш политички воздржаниот Hurriyet и во провладиниот Yeni Safak.

Ердоган одбива да појасни со кои мерки Турција ќе возврати, но засега ништо не исклучува, додавајќи дека владата уште ја разгледува ситуацијата. Анкара веќе го отповика својот амбасадор во Берлин. Турскиот претседател предупредува дека Германија би можела да загуби „важен пријател“ и истакнува дека во оваа земја живее голема турска популација.

Ердоган инсистира дека на тоа дека гласањето било турско-германско прашање и дека не е поврзано со поширокиот договор со Европската унија за запирање на мигрантскиот бран кон западна и северна Европа. Останува силно критичен во поглед на европското напредување во спроведувањето на договорот, вклучително и во поглед на префрлањето на ветените шест милијарди евра помош за бегалците згрижени во Турција. Предупреди и дека договорот се уште може да биде запрен.

Клучен момент во договорот е влегувањето на турските државјани во ЕУ без визи што требаше да се реализира до крајот на јуни, но е во застој поради тоа што Турција одбива да го измени антитерористичкиот закон во согласност со барањата на Брисел кој смета дека е премногу широк и може да се применува со злоупотреби.

Долниот дом на германскиот парламент – Бундестагот, во четвртокот со огромно мнозинство присутни, со еден глас против и еден воздржан ја прифати резолуцијата дека страдањата на Ерменците од страна на војската на Османлиското царство во текот на Првата светска војна кое тогаш било сојузник на Царството Германија, се прогласува за геноцид.

Ерменците проценуваат дека околу 1,5 милиони припадници на нивниот народ се систематски убивани кон крајот на Отоманската империја, а многу историчари и повеќе од дваесет земји, меѓу нив и Франција, Италија и Русија, го признаваат геноцидот.

Турција тврди дека станувало збор за граѓанска војна која ја следела глад, во која загинале од 300.000 до 500.000 Ерменци но исто толку и Турција, како и дека не постоела организирана кампања за да бидат истребени Ерменците или дека постоеле такви наредби од страна на османските власти.