Saturday, Oct 21, 2017
HomeДЕНЕШНАСкопјеЕлектронскот билет ќе испрати околу 140 приватни автобуси во гаража

Електронскот билет ќе испрати околу 140 приватни автобуси во гаража

Нешто повеќе од еден месец пред стартот на електронската наплата во јавниот градски превоз, приватните превозници се соочуваат со многу чудни и нејасни работи. Ним не им е јасно дали сите ќе влезат во електронската наплата, бидејќи нема да бидат вклучени на сите линии и што ќе се случи со оние што нема да добијат работа, а се јавиле на тендер. Од превозничките претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ велат дека конкурирале на еден од двата пакета во кои имало понуда само на одредени линии. АВЛ-системот, според најавата на ЈСП, ќе биде инсталиран во вкупно 500 автобуси, од кои 384 на ЈСП, а 116 на приватните превозници. А, само „Слобода превоз“ има 178 автобуси, додека „Макекспрес“ 90. Значи од вкупно 268 приватни автобуси, секој втор ќе остане надвор од електронската наплата. А, за тоа кое претпријатие, колку и кои линии ќе ги добие, ќе зависи од тоа за кој пакет се пријавило. Бидејќи, во критериумите на тендерот се барало одреден број на возачи и на возила, но сигурно ќе се земе предвид и староста на автобусите.

Приватните превозници велат дека за многу прашања немаат одговори и до сега ниту имале средба со претставници од Градот, ниту, пак, со претставници на ЈСП за да продискутираат што и како понатаму. Немаат никакви информации од ниту една страна, а од 1 јануари треба заеднички да стартуваат со електронската наплата. Не знаат како ќе го решат проблемот со валидаторите, кои дел од нив ги купија пред неколку години и за нив вложија по 3.000 евра.