Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеЕлектронските картички за приватниците ќе важат од септември

Електронските картички за приватниците ќе важат од септември

Приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ кои учествуваат во јавниот градски превоз не се подготвени да стартуваат со електронската наплата од 1 мај. Тоа значи дека граѓаните кои имаат електронски картички и ги користат во автобусите на ЈСП нема да можат да се возат со нив и во приватните.

Двете претпријатија официјално побарале од Градот да се одложи имплементацијата на системот за електронска наплата на билети и автоматска локација на возилата, а за тоа навеле низи причини. Градот го уважил нивното барање и за тоа ќе се гласа на закажаната седница на Советот на Скопје. Новиот начин на наплата во приватните автобуси најверојатно ќе почне да се применува од 1 септември.

Една од причините за барањето за одлагање, меѓу другото, е и плаќањето на приватниците по едно евро за изминат километар, со што приватните начелно не се согласија поради честите измени на цените на нафтените деривати. Сега градските советници ќе треба да се согласат и со плаќање на надоместокот за извршени услуги според подготвената листа на возможни цени на горивата и согласно со претпоставените продажни цени на горивата. Во предлог-одлуката е наведено, доколку малопродажната цена на горивото е помала од 30 денари за литар, тогаш се усвојува вредност од 48,06 денари по изминат километар, а доколку цената е повисока од 120 денари, за секој изминат километар се усвојува вредност од 87,66 денари.

Превозниците сметаат дека нема да бидат целосно подготвени за имплементација на системот од 1 мај и поради административни, но и од финансиски и организациски причини. Сето ова произлегува од, како што стои во образложението, обемноста на проектот, како и малото искуство во поглед на оваа проблематика. Процесот е сложен и поради тоа што превозниците се правни лица и треба да се постигне договор со сите поодделно, а тоа бара време. Од „Макекспрес“ и претходно го кажаа тоа, а сега и од Градот и од ЈСП се согласуваат со нивната констатација, како и со фактот дека периодот по месец мај подразбира и примена на летниот возен ред во кој согласно со досегашното искуство се предвидува помал број остварени километри и редуциран возен ред, како и намален број патници.

Интеграцијата на приватните превозници ќе се одвива во неколку фази. Во првата ќе се реализира инсталација на целокупната опрема во автобусите на приватните превозници до 1 мај, а во втората ќе се пушти во употреба потсистемот за автоматска локација на автобусите, што е предвидено за мај годинава. Третата фаза предвидува пуштање во употреба на потсистемот за електронска наплата на билети што треба да стартува најрано од 1 септември 2016 година.