Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕкстерното тестирање повеќе нема да влегува во сведителство

Екстерното тестирање повеќе нема да влегува во сведителство

Во свидетелствата за учениците ќе се воведе додаток во кој што ќе се наоѓаат резултатите од екстерното тестирање, а не како што беше до сега резултатите од екстерното тестирање да се во рамките на свидетелството, изјави денеска Драган Данев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ откако денеска во Собранието на Република Македонија на дневен ред се најдоа измените и дополнувањата на Законот за основно образовани и Законот за средно образование.

– Со самото воведување на овој додаток, истовремено се воведува уште една измена со која што резултатот од екстерното тестирање на учениците како додаток нема да влегува во конечниот успех на ученикот, односно тој нема да влијае на просекот на успехот од оценките во свидетелството на ученикот. Токму со овие измени се решаваат недоразбирањата кои што настанаа во јавноста околу оценката недоволен (1) во свидетелството, која што претходно влијаеше во општиот успех на ученикот. Дополнително, резултатите од екстерното тестирање во средното образование, иако нема да влегуваат во општиот успех на ученикот, сепак тие ќе влијаат при упис на ученикот на факултет, односно резултатите од екстерното тестирање во основното образование ќе влијаат при упис на ученикот во средно образование – рече Данев.

Втора клучна измена во Законот за основно образование е промената на започнување на процесот на екстерно тестирање, односно наместо екстерното тестирање да започне од 4то одделение, како што беше досега, ќе започне да се применува од 6-то одделние.

– Како уште една новина која што се воведува е тоа што со новите измени и дополнувања на овие два закона ќе се овозможи на Државниот испитен центар да воведе апликација со пробни тестови на кои учениците ќе можат да вежбаат и да се подготвуваат за екстерното тестирање кое што ќе им следува а што впрочем ќе значи олеснување и приближување на учениците кон самиот процес на тестирање – рече Данев.

Тој објасни дека заради надминување на досегашните пропусти во процесот на екстерното тестирање на учениците, со овие измени ќе се овозможи и дополнително уредување на процесот на екстерното тестирање, односно преку годишна ревизија и ажурирање на базите на дадените прашања ќе се подобри квалитетот на прашањата и системот на ектерно тестирање на учениците во целост.

– Овие измени исто така предвидуваат и парични награди во износ од 50%, 40% и 30% од просечната нето плата во Република Македонија која што ќе ја доделува Министерството за образование и наука и тоа: 50 % од просечната нето плата, за освоено прво место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки за ученикот и наставникот кој што го подготвувал ученикот за натпреварот; 40 % од просечната нето плата, за освоено второ место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки за ученикот и наставникот кој што го подготвувал ученикот за натпреварот; 30 % од просечната нето плата, за освоено трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки за ученикот и наставникот кој што го подготвувал ученикот за натпреварот.

Во попладневниот дел од 108. седница беа донесени по скратена постапка повеќе закони меѓу кои измените на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, на Законот за наставници во основните и средните училишта, на Законот за Академијата за наставници и измените на Законот за внатрешни работи.

Собранието на денешната седница ги прифати во прво читање и измените на Законот за органско земјоделско производство, а го усвои и Годишниот извештај за извршените ревизии за работењето на Државниот завод за ревизија за 2015 година.