Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЕкспертите на УНЕСКО ја почнаа контролата на проектите во Охрид

Експертите на УНЕСКО ја почнаа контролата на проектите во Охрид

Група експерти на УНЕСКО од денеска се во Охрид каде што вршат увид на повеќе проекти што се во тек или кои се планирани да се реализираат.

Експертите на УНЕСКО најпрво го посетиле Националниот парк Галичица, каде разговарале со раководството на јавната установа, но и со претставници на владата. Неофицијално, во НП Галичица се врши увид во однос на два проекти планирани за реализација: експресен пат до Свети Наум и зимски ски-центар на Галичица.

За утре е планирана посета на комплексот во изградба на Универзитет „Св. Климент Охридски“ на Плаошник.

Последниот надзор на УНЕСКО беше пред неколку години, кога тие вршеа детален увид на Плаошник, по што констатираа дека проектите не ги нарушуваат стандардите на УНЕСКО .

На крајот од престојот, експертите треба да се сретнат со стручните лица и со раководството на Завод и музеј во Охрид, со претставници на локалната самоуправа, но и со невладините еколошки асоцијации.

Претходно, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.