Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЕксклузивно интервју со Петар Васев: Брокерските друштва се фела на иднината

Ексклузивно интервју со Петар Васев: Брокерските друштва се фела на иднината

Петар Васев е роден 1986 година во Скопје. Повеќе од  осум години својата кариера ја гради  во брокерската фела. Моментално е на позицијата менаџер за големи клиенти во АМ брокерско друштво за осигурување. Има дипломирано на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек социјална работа и социјална политика. За убавината и предизвиците,за искуството, за темпото, но и за очекувањата во иднина, во оваа специфична бранша, во време на Ковид 19 пандемија, поразговаравме со него, токму на овие теми.

 

Разговараше: Благојче Атанасоски

 

Позитив.мк: Кои се предизвиците за еден млад човек во Македонија да работи во фелата на брокерско-осигурителните друштва?

Васев: Предизвикот можам да кажам дека е огромен, земајќи во предвид дека постојат дваесет и една класа на осигурување, единаесет осгурителни компании кои располагаат со овие класи каде што секоја компанија има посебни услови за секоја класа во кои од време на време се прават измени, тоа значи мора да сте запознаени и во тек се секоја од нив оделно за да би можеле да му понудите на клиентот она што е најдобро за него како и постоењето на триесет и осум боркерски друштва кои ви се конкуренција и се борите на пазарот со нив, зборот огромен е оној правиот за да се опише предизвикот работејќи за брокерско друштво. Но тоа е она убавото што ве прави да сте жив, треба постојано да учите, да се надоградувате, а со самото тоа и напредувате професионално и умствено, да бидете во контакт со луѓе да ширите познанства, да им ги решавате проблемите на луѓето, тука ја гледам убавината и предизвикот  на работењето во нашиот сектор. Некои  го гледаат сосема спротивно- дека ти треба нешто да го молиш клиентот, не напротив,  јас му нудам решение доколку во иднина му се јави некој  проблем , ние сме тука да му го решиме или ублажиме,  односно помогнеме. Тие клиенти мене ми стануваат пријатели јас таков однос имам со сите нив. Топло на секој оној кој што сака предизвици, сака да учи  и да се надоградува, сака постојано да биде во комуникација, движење, да шири познанства и да се дружи, посебно на помладите им препорачувам да влезат во овој сектор.

 

Позитив.мк: Целиот свет го тресе Ковид-19 пандемијата. Скоро без исклучок, сите економски сектори работат со загуби, односно има голем пад во економското работење на сите? Како е кај вас, во вашиот осигурителен-брокерски сектор, во изминатите шест Ковид месеци?

Васев: Па не би рекол баш сите сектори, има и такви кои што профитираа од целава новонастаната ситуација со Ковид-19, но се согласувам дека огромен дел претрпеа големи загуби. За несреќа меѓу таквите се вбројува и нашиот сектор. Знаете во ваква ситуација луѓето трошат на она што им е неопходно и без она што не можат, така во овој период имаме пад кај незадолжителните осигурувања со голем акцент на Зелените карти и патничките осигурувања, бидејки периодот од кога се прогласи пандемијата е истиот период кога луѓето патуваат и ги користат овие класи на осигурување. Дури имаме и ситуација каде што и задолжителното осигурување се пролонгира поради неизвесноста од работни места, висина на плата и намалено движење на граѓаните. За среќа нашето брокерско друштво не зависи само од овие класи на осигурување односно имаме дисперзирано портфолио и гледаме да го одржуваме такво и да го прошириме. Тоа се должи на доброто работење и визионерските погледи на менаџментот.

 

Позитив.мк: Во Македонија има ниска култура и свест на осигурување? Сепак, во последните години има зголемување на осигурителните полиси, односно се повеќе граѓани се осигуруваат, и ги осигуруваат своите движни и недвижни ствари? Каде сме на балканско и европско ниво во однос на процентуалноста во осигурувањето и дали очекувате овој тренд да продолжи да расте?

Васев: Можам да кажам дека имало во минатото, полека но сигурно луѓето го сфаќаат бенефитот и потребата од осигурувањето. Да, секоја година осигурителниот сектор бележи раст и тоа се однесува во повеќе класи меѓу кои и оние што ги напоменавте недвижностите,односно имотното и домаќинското осигуруванње кај кои,  за многу општо прифатливи годишни премии го заштитувате она најзначајното,т.е  вашиот дом и имот. Јас сум оптимист и се надевам и во иднина ќе продолжи овој тренд на раст во нашиот сектор. Процентуално со другите балкански земји сме тука некаде во застапеноста за разлика од европските земји со кои  заостануваме во огромен процент, кај нив е тоа веќе на едно друго ниво издигнато во културата и на генерециско пренесување, но како и за повеќето работи кај нас, треба време за постигнување на некои вредности и навики, па така и кај осигурувањето. Да бидам и искрен во одреден дел влијае и стандардот во државата, но секогаш мораме да гледаме позитивно на работите и да продолжиме да ги информираме и едуцираме  граѓаните за сите поволности што ги нуди  осигурувањето односно да не го гледаат како трошок,  туку како една минимална инвестиција која им нуди заштита на она што им е драго.

 

Позитив.мк: Македонија е земја во развој. Постана членка на НАТО, ќе ги отпочне преговорите со ЕУ.  Дали сметате дека ова осигурително-брокерските трговски друштва во иднина, како што Македонија ќе се доближува до Европската Унија, може да станат еден од главните фактори во македонската економија со прилично забележително учество во подигнувањето на националниот БДП?!

Васев: Да, со зачленувањето во НАТО се доби некоја сигурност која влијае на пазарот, додека со влегувањето во Европската Унија мислам дека одредени навики и искуства од земјите ченки и нивните граѓани ќе се преточат и кај нас, што би влијаело со зголемување во секторот посебно во брокерскиот (ова може требаше и да го напоменам во првото прашање),  бидејки со голем процент сите осигурувања во светот се изготвуваат токму преку брокерски друштва, тоа се должи на нашата објективност и стручност во изборот на компанија и производ односно бираме што е најдобро за клиентот , за разлика од самите компании кои што нудат само свои производи и нормално се субјективни. Ние како брокерско друштво работиме во име и за сметка на клиентот и сето тоа за  0 денари.  Со зголемувањето на застапеноста на осигурвањето причински последично би се подигнал и националниот БДП.

 

Позитив.мк: Кои се вашите цели и планови во иднина? Каде се гледате за 10 години од сега во оваа фела?!

Васев: Како менаџер за големи клиенти во АМ Брокер секогаш се заложувам  за константно учење и надоградување во областа, со посебен акцент во класата за Приватно Здравствено Осигурување за која што сум и моментално задолжен во нашето брокерско друштво и која е во огромен подем во време, односно во ова невреме кое му се случи на  целиот  свет и нуди големи придобивки и сигурност на клиентите. За десет години јас, кога велам јас,  мислам и на компанијата во која се наоѓам, се гледаме  како промотери и пионери во некои нови класи на осигурување кај нас.