Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕксклузивно интервју со Петар Богојески:Бугарите паднаа на тестот! Преспа ја порази Бугарија!

Ексклузивно интервју со Петар Богојески:Бугарите паднаа на тестот! Преспа ја порази Бугарија!

Петар Богојески е роден 1979 година, во Крушево. Во последните три години е активен на медиумската и политичката сцена. Јавноста го перцепира како „контроверзен“ лик. Секогаш  директен, без заобиколување на суштината, тој го говори тоа што искрено го мисли и го застапува.Во последните неколку денови, се конфронтираше на темата „македонско-бугарски“ односи. Доволен повод Позитив.мк да поразговара со него на оваа вечно болна тема.  Државен советник во Министерството за Одбрана.Своевремено,  еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ , на последните парламентарни избори настапуваше со свој автентичен „Македонски Концепт“.Докторанд е на УКИМ.

Разговараше: Благојче Атанасоски

Позитив.мк: На Вашата ФБ страна напишавте дека Илинден, нашиот најголем национален празник ви го честитале од Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, САД, Германија, Франција, Англија, Шпанија, но само од Бугарија не! Освен внукот на „Стариот“. Тоа предизвика жестоки реакции, од Бугари, па  дури имавте и преписка  со европратеникот Андреј Ковачев од  десничарската  и  владејачка ГЕРБ . И охриѓанката по потекло, секретарка на легендарниот Иван Михајлов,Вида Боева се вклучи во полемиката. На што се должеше сето ова, може ли да дадете соодветен одговор?

Богојески: Долго време работам на подобрување на односите помеѓу Македонија со сите соседи, вклучително и Бугарија! Со сите можеме нормално да дискутираме, освен со Бугарите, што за мене е енигма. Затоа се одлучив овие денови да направам еден социјален експеримент – опит, користејќи ја социјалната мрежа Фејсбук, со цел вештачки да предизвикам реакција, заради проучување и утврдување на факторите кои допринесуваат кон таков резултат! Неколку денови по ред објавував статуси со провокативна содржина, базирани на историска вистина и оригинални документи, а во исто време ги следев реакциите на граѓани од Бугарија и Македонија, често одговарав со уличен речник, за да ги засилам реакциите, да констатирам состојба. Мислев тоа да трае подолго време, со цел да дојдам до порелевантни податоци, но фрекфенцијата на реакциите од највисоко политичко ниво во Бугарија до обични граѓани, беше доволна да се извлечат релевантни заклучоци! 

За жал, Бугарите паднаа на тестот! Констатирана е толкава доза на омраза кон нас Македонците, често без аргумент и релевантно објаснување, да човек не може да поверува на сопствените очи и уши. Истражував од каде доаѓа мотивот и имам конечен заклучок дека Бугарите живеат во фрустрации од минатото, од времето на болшевизмот, времето кога живееле многу посиромашно и понеквалитетно од Македонците, што предизвикало длабока фрустрација, која низ годините прераснала во неподнослива омраза кон нас. Од тука и неможноста да се рационализираат односите помеѓу нашите две држави. 

Чудно е зошто Бугарите се спротиставуваат на изучување на историјата, врз база на оригинални историски докази, без нивно политичко толкување. Нели тие бараа таков процес, а молат Бога да не го најдат! Од тука зачудува фактот што докажани соработници на комунистичките служби на Југославија и Бугарија, уживаат поддршка од бугарски политичари и европратеници! Наполно нејасно! Луѓе кои се колнат во борба против комунизмот, поддржуваат негови репрезенти! Ќе биде интересно доколку македонските служби ги соопштат имињата на соработниците на УДБА во време на историското ВМРО, и доколку во нив се најдат имиња на актуелни коментатори на ФБ, познати како некакви си секретарки на Ванчо, некакви си новинари и публицисти бугараши и сл. Дали тогаш европратеникот Андреј Ковачев, мој пријател, ќе се извини за лајковите на тие лица на ФБ?!? Со овој социјален опит, дојдов до шокантни сознанија. Меѓу другото ги открив и вистинските „каузални пријатели” од Македонија и Бугарија, што ќе ми биде од голема полза во понатамошната политичка дејност. Имаше стотици закани во инбокс, навреди од кои човек не може да не се згрози, но за волја на вистината, се јавија низа други европратеници, бугарски политичари, новинари, интелектуалци, дипломати, со искрен интерес да прашаат што се случува, дали може нешто да помогнат и дека даваат поддршка на нашите напори за релаксација на односите! 

Најпоразително е што се откри една инсталирана структура во двете земји, структура во која се вмешани актуелни бугарски дипломати во земјава, македонски разузнавачи, бизнис лобисти и сл. кои потекнуваат од соработнички линии со бугарското ДС и македонската УДБА, кои со децении и децении меѓусебно се координирале и заедно работеле на уништување на животите на сите чесни македонски патриоти, кои сакале да прекине меѓусебното непријателство. После натовизацијата на Бугарија, а сега и на Македонија, особено после формирањето на македонската АНА, мислам дека треба да се отвори официјална истрага за обид за рушење на државноста на Македонија од тие структури и да се испита престојот на некои бугарски „дипломати” во земјава! 

Тие структури се под координација на руското ГРУ, време е да расчистиме со нив тука во Македонија, но и таму во Бугарија! 

 

Позитив.мк: Поминаа и точно три години од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Освен рамки за договарање, кои историски личности и настани да бидат договорено чествувани, суштински напредок во односите меѓу двете земји не гледаме. Која е причината?

 

Богојески: Причината е во несериозниот однос на Бугарија во процесот на имплементација на Илинденскиот договор. Тие сакаат нивната бугарска историска вистина да ја наметнат како единствена и апсолутна вистина, со однапред донесени заклучоци дека ние немаме македонска историја. Секако нож во грб беше прокламацијата на т.н. „Рамковна позиција” од страна на огромно мнозинство на бугарското Собрание, баш во очи на македонската интеграција во НАТО и во очи на изборите во земјава. Бугарија, по нарачка од Русија, се обиде преку таа „Рамка” да го воскресне живковизмот, да ги воскресни старите болшевички политики кон Македонија и да не спречи да влеземе во НАТО! Дополнително за време на изборите, им даде аргументи на проруските политички сили во Македонија, за да победат на изборите! Се разбира, ние кои дејствуваме на политичката сцена во Македонија, не дозволиме да се исполнат тие мрачни бугарско – руски тенденции и ги поразивме на изборите! Сега Бугарија е очајна во нејзиниот обид да го прикрие срамот пред домашната и меѓународната јавност. Тоа е аргумент плус за она што се случува по улиците на бугарските градови, последниве месец дена. 

Рамковната позиција, јас ја поздравив, зашто со неа конечно Бугарија си го покажа вистинското лице кон нас. Таа е своевидно еднострано суспендирање на Илинденскиот договор. Наместо да побараат дополнително да се разбереме и да го анексираме тој договор со взаемна согласност на двете држави, согласно негови одредби, Бугарија еднострано го суспендираше! Тоа го направи од причини, наведени погоре. Илинденскиот договор треба да се реафирмира, во согласност со резултатите на Преспанскиот договор, кој во суштина е најголемиот пораз на бугарската дипломатија. Преспа ја порази Бугарија! Тоа дополнително ги фрустрира бугарските политички кругови, а тоа сакаат да го компензираат со удари врз Македонија, зашто не им стиска да се судрат со Грција и Србија! Бугарија има поданички однос кон овие две земји, а тоа го компензира со лечење на сопствени фрустрации на грбот на Македонија. 

Позитив.мк:И   покрај тоа што во јавноста ве етикетираат како „бугарофил“, Васко Ефтов би рекол „ голем човек, а во суштина мало Блгарче“, очигледно во последните неколку седмици се конфронтирате со одредени политички и научни општествени софиски кругови.  Што се смени во суштина, „миленикот на Софија“, да биде прв на мета на отстрел од бугарската политичка елита?

 

Богојески:Никогаш не постоеле капацитети во Бугарија да ги разберат македонските позиции, чиј застапник сум јас. Бугарските политичари се водат од дневна политка и лични емоции. Особено се смешни оние бугарски дејци и политичари, кои градат кариери на македонски грб, на македонското прашање, кога љубоморно сакаат да го зачуваат во своја јуриздикција тоа прашање, зашто без темата Македонија, тие се празни и без причина да постојат на политичката сцена во Бугарија. Таму има преку милион и половина гласачи со потекло од Македонија, чиј глас го добиваат со манипулација на нивните чувства за Македонија. 

Така од мене, човекот кој цел живот им помага да се нормализираат односите, кој од студентски денови пишувал статии во тој правец, кој бил единствен македонски политичар од десницата на отворање на споменикот на Каварналиев, кој прв го поздравил и поддржал Илинденскиот договор и иницијативата на МПЦ – ОА за мајка Црква да биде БПЦ, за само три дена од опитот, направија најголем непријател за нивните болшевички соништа, па дури ме изедначија со Миленко токмакот! Тоа зборува дека дел од Бугарите едноставно не ги бива! Тие се чеда на живковизмот, болшевизмот, а нивниот сон за ребугаризација на Македонија е сон за лечење на нивните историски фрустрации на наш македонски грб. Секако тоа нема да им го дозволиме, за што атакуваат врз мене! Бугарите ме нарекуваат Пера Богојевич, Србите ме нарекуваат Петре Богојев, очекувам во иднина да станам и Петракис Бунтуракис, но никако да разберат дека јас сум просто Македонецот Петар Богојески и мене ме интересира само македонската Кауза и интересот на мојата Македонија! Ако им чини така, ок, ако не, нека тераат кај мислат! Со мене и со Македонски концепт, сите на Балканов се на чисто! Ние сме македонски, а не бугарски, српски или грчки концепт! 

Позитив.мк:Пишувавте за „оставинска постапка“, во односите со Софија, како решавање на нашите историски напластени проблеми. Мислите дека тоа е возможно во реалноста и практиката?

 

Богојески: Апсолутно ДА! Само тоа е решение за оваа македонско – бугарска голгота. Нема потреба да создаваме дополнително непријателство и омраза. Во Бугарија се убедени дека работите во Македонија зависат од нив, а не знаат дека нивното влијание во земјава е помало од махово зрно. Ништо не зависи од Бугарија. Тие инситираат дека треба да сме заедно во некои процеси во иднина, а никако да разберат дека ние не сакаме да сме заедно, туку одделно во секој поглед, и како држава и како нација. Затоа единствено решение е да спроведеме оставинска постапка, со која ќе се договориме како ќе го користиме или поделиме заедничкото историско – културно наследство од нашите прадедовци. Денес ние сме братучеди, кои пропуштиле многу прилики за таква постапка. Редно е да ја спроведеме, за да ги оставиме на раат да почиваат старите. 

Позитив.мк: Во Бугарија скоро еден месец траат масовни антивладини протести против владата на Бојко Борисов. На власт е повеќе од  една деценија, но и во минатото и покрај протестите, тој повторно победувал на изборите и пак составувал влада. Дали и овој пат ќе биде така, или му се гледа конечниот крај на Борисов, по примерот на еднодецениското владеење на Груевски?

Богојески:Јас сум промотор на ставот да не се мешаме во внатрешните политички процеси во Бугарија, а истото го барам од нив за Македонија. Но за жал, од таа страна има премногу непринципиелно мешање во внатрешните работи на Македонија. Особено настрадуваат Македонците кои имаат бугарски етнички идентитет. Секогаш кога се меша Бугарија, работите тргнуваат на лошо, нивни претставници се многу корумпирани, а со тоа секогаш работат на предаство на македонската Кауза. До сега повеќе од 10 пати во историјата, такви бугарски корумпирани политичари, извршиле предаство на Македонија. И сега се чудат зошто не им веруваме?!? Па како да им веруваме, кога и во 2020 година од коруптивни мотиви, повторно се обидуваат да го предадат “Европското востание во Македонија”! Едноставно предавството им е во генот! Случувањата во Бугарија секако дека ќе имаат влијание и врз Македонија, особено доколку се случи промена на политичката елита. Таму има низа млади политичари, европски политичари, кои не само што имаат капцитет да не разберат нас, туку имаат и желба задно да ја завршиме ерата на омраза и поделби и да реализираме оставинска постапка. Тие политичари не ја прифаќаат живковата доктрина за своја, за разлика од актуелните политики на Бугарија. Се надевам дека ќе се создадат услови за нормална дискусија по сите прашања.