Wednesday, Apr 24, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМузикаЕксклузивно интервју со директорот на Универзална сала: И јас сум против дислокација

Ексклузивно интервју со директорот на Универзална сала: И јас сум против дислокација

Најавите дека Универзална сала, еден од симболите на постземјотресно Скопје, и храмот на културата за бројни генерации, дека ќе биде срушена, предизвика силни реакции во јавноста и гнев. Идеите за изградба на парк на оваа локација и избор на нова локација за изградба на нова концертна сала исто така наидоа на револт бидејќи со рушењето на Универзална се руши значаен дел од идентитетот на градот.  Затоа Позитив.мк направи ексклузивно интервју со Филип Аврамчев, директор на Универзална сала за плановите како овој објект да го врати стариот сјај, дали треба да се одбере нова локација и дали е можеби потребен и референдум за одлучување по ова прашање.

Филип Аврамчев е дипломиран економист по Деловна администрација( маркетинг менаџмент) во 2006-тата година на Американскиот колеџ во Грција. Претходно работел во Женева, Лондон, Стопанска банка АД Скопје, Општина Центар и на бројни меѓународни проекти. Од 2018-та година е директор на Универзалната сала. Член е на Либерално-Демократската партија од 2011 година, а во моментот е дел од Централниот одбор на партијата.

Разговараше: Благојче Атанасоски

Позитив: Во јавноста, повеќе од една седмица, се бранува прашањето околу иднината на Универзална сала. За Вас како прв човек на оваа културна институција, кое е најдоброто решение за Универзална?

Аврамчев: Видете, факт е дека состојбата во која се наоѓа универзалната сала не е сјајна, објектот е дотрајан. Од друга страна објектот е центарот на сите позначајни културни збиднувања во последните 54 години и е длабоко врежан во меморијата на секој скопјанец. Мојот став е итно решавање на проблемот со Универзална сала, бидејќи на Скопје, пред се му е потребна концертна сала. Брзо и квалитетно решение, според мене е реставрација на постоечкиот објект и негово реновирање од функционален аспект.

Позитив: Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во свои интервјуа, нагласи дека доколку е потребно ќе се одржи и референдум за ова прашање? Дали сметате дека е потребен таков вид на изјаснување, или пак е доволно само вклучување на стручната јавност?

Аврамчев: Иако реферндумот го сметам како највисока форма на демократско изјаснување, сепак сметам дека средствата кои би ги потрошиле за организирање на плебисцит може да се искористат за целосна реставрација на објектот. Во разговор и дебата со вклучување на стручната, но и пошироката јавност, мислам дека може да се дојде до солуција која е прифатлива за сите засегнати страни.

Позитив: Во јавноста има негодување, дека Универзална сала е со години оставена на „ забот на времето“. Може ли да ни ги појасните причините, кои доведоа до оваа состојба, најголемата и култна сала за културни манифестации во Скопје, па и во цела Македонија, денеска да биде во нефункционална состојба.

Аврамчев: Видете, со оглед дека Универзална сала е пуштена во употреба 1966 година, а притоа немало некои поголеми зафати на кровот и фасадата, можеме да кажеме дека времето си го земало данокот. Нерешавање на суштинските проблеми, како и правењето на проекти кои што се несоодветни за локацијата и релативно скапи, доведоа веќе 5 години салата да не е во функција, а кога имате дотрајан објект кој не се користи во него состојбата забрзано се влошува.

Позитив: Граѓаните прилично емотивно реагираа околу рушењето на Универзална, и се спротиставија на нејзина дислокација. Доколку ја задржи постоечката локација, како ќе се реши проблемот со паркинг-места, и дали е возможно тоа да се реши, со оглед на тоа што станува збор за густо населена локација, во центарот на градот?!

Аврамчев: И јас како и повеќето граѓани не сум за дислокација на Универзална, бидејќи со самата дислокација тоа ќе биде нова сала, а не Универзална. Сепак, сметам дека таква сала дефинитивно му е потребна на градот, која ќе биде направена по сите светски стандарди. Зошто да немаме 2 концертни сали, една која ќе биде споменик од едно време, во строгиот центар на градот, каде посетителите ќе доаѓаат со велосипед и со јавен превоз и друга која ќе биде изградена согласно сите современи стандарди за публика од 2500-3000 посетители.

Позитив: Кои се вашите идни планови и зацртани проекти како директор на Универзална сала?!

Аврамчев: Едниот, кој очигледно се провлекува, е решавање на статусот на објектот на Универзална сала во консултации со Градоначалникот на Скопје и Министерството за Култура, како и спроведување на годишната програма на институцијата која во овој период се занимава со организирање на настани на отворено и спроведување на дел од културните проекти на Град Скопје. Во овој момент сме длабоко навлезени во организација на третото издание на Фестивалот на светлина „Skopje Light Art District“ кој ќе се оддржи на 20 ина локации во центарот на Скопје и во Градскиот парк од 19-22 Август.