Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаМакедонија и Бугарија ги јакнат економските врски

Македонија и Бугарија ги јакнат економските врски

На средбата меѓу министрите за економија на Република Македонија и Република Бугарија главните поенти се дека треба и понатаму да се развива соработката во полето на економијата, заедничките инфраструктурни проекти и потикнување на инвестициите.

neziri1

„Трговската размена помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е на завидно ниво. Бугарија е на 6. место од десетте држави со кои имаме најинтензивна соработка. Во таа насока, во разговорот со мојот бугарски колега се договоривме Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината, а го запознав и со 13-те слободни зони во Македонија, кои се одлична шанса за инвестирање на бугарските компании, бидејќи ваква можност не се нуди во ниту една европска држава. Со цел интензивирање на меѓусебната соработка, која е резултат на одличните односи меѓу двете земји, го поканив министерот Лукарски да оствари и прва официјална посета на Скопје“, изјави министерот за економија Беким Незири по денешната средбата со министерот за економија на Република Бугарија Божидар Лукарски, непосредно пред Економскиот форум за Југоисточна Европа, кој се одржува во Софија, во рамки на претседавањето на Република Бугарија со Процесот на соработка на ЈИЕ.

lukarski

Министерот Лукарски изрази задоволство од упатената покана за посета на Република Македонија, потврдувајќи дека Скопје ќе биде меѓу приоритетите на неговата агенда.

„Ние на Балканот, трудејќи се да соработуваме со што повеќе земји, често се забораваме себеси и соседите. Среќни сме што денеска ни е гостин министерот Незири. Инаку, се договоривме Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината на екпертско ниво, но и од страна на двете министерствада се организира бизнис форум, во чии рамки ќе бидат Б2Б средби меѓу бизнисмените од двете држави. Задоволни сме што македонско-бугарската стопанска комора функционира добро, иако резултати има само во делот на туризмот. Воедно, го информирав мојот колега дека Бугарија за првпат во првиот квартал оваа година има раст од 3 отсто, имаме околу 2 отсто намалување на невработеноста и раст на извозот за првите три месеци од 12,8 отсто“, рече Лукарски.

Македонија и Бугарија заеднички ќе се стремат за реализирање на Стратегијата на ЈИЕ 2020 што треба да придонесе за раст на трговијата од 230% до 2020 година, при што регионалната трговија со стоки ќе се третира за трговија на единствен пазар. Во делот на трговската соработка, министерот Незири рече дека трговијата на Република Македонија во 2014 година со земјите на ЕУ е 72%, а со ЦЕФТА земјите изнесува 12,8% од вкупната трговија на Република Македонија со светот, при што македонскиот извоз во 2014 година пораснал за 15,6%, а увозот од светот е зголемен за 10,3%.