Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕК воведува нова алатка за свиркачите полесно да пријавуваат злоупотреби

ЕК воведува нова алатка за свиркачите полесно да пријавуваат злоупотреби

Европската комисија воведува нова алатка која треба да ги охрабри свиркачите (whistleblowers) и да им олесни пријавување на случаи на прекршување на антимонополската регулатива и за тајни картели. Новата алатка, во која има електронска-адреса, телефонски број и енкриптиран (шифриран) интернет-формулар ќе им овозможи на луѓето анонимно да ги пријавуваат манипулациите со цените на бизнис-картелите и анти-конкурентните практики.

– Доколку луѓето се загрижени од бизнис практиките за кои мислат дека не се во ред, можат да помогнат работите да се исправат. Инсајдерските информации може да бидат моќна алатка кои ќе и помогнат на Европската комисија во откривањето на картели и други практики со кои се нарушува конкурентноста. Со нашата нова алатка е возможно да се даде информација и да се задржи анонимноста – вели Маргрет Вестагер, комесар за политика на конкурентност.

Комисијата, како што информираат оттаму, претходно се потпираше на програмата за дојави која им овозможува на фирмите да пријават картели во кои тие се вклучени, а за возврат да добијат намалување на казната.

Досега во 2017 година ЕК казни со по 200 милиони евра фирми инволвирани во два каретли кои работејќи заеднички зголемувале цени на производи, вклучувајќи системи за климатизација на автомобили.

Законот за заштита на свиркачите во Македонија беше донесен во ноември, 2015 година, како еден од пакетот закони што произлегоа од Договорот од Пржино.

„Транспаренси интернешнл“ во извештајот од проектот, насловен „Законот за заштита на сведоци – искуства и предизвици“, поддржан од Кралството Холандија, кој беше презентиран на средината на ноември минатата година, наведува дека законот многу малку или речиси воопшто не се спроведува во институциите, а нема ниту интерес и политичка волја кај надлежните за негова имплементација и по една година од неговото донесување.