Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕК: Србија и Македонија да покажат воздржаност

ЕК: Србија и Македонија да покажат воздржаност

Европската комисија ги повика властите во Скопје и во Белград да покажат воздржаност и по мирен пат да го решат прашањето со повлекувањето на персоналот на српската амбасада во Скопје, пренесува „Мета“.

Портпарол на Европската комисија вели дека дипломатскиот инцидент е билатерално прашање на двете земји кое Европската Унија внимателно го следи.

– Очекуваме двете страни да покажат воздржаност и прашањето да го решат мирно, во духот на добрососедските односи – изјави портпаролот на Комисијата.

Официјален Белград во неделата го повлече целиот персонал од својата амбасада во Скопје, поради како што соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, за „голема офанзивна разузнавачка активност против органите и институциите на Србија“.

Вучиќ синоќа во интервју за „РТС“ рече дека прислушувањето на српските дипломати е вршено на многу повисоко ниво и дека во целата ситуација има вмешан и странски фактор, но не наведе кој.

Министерот за внатрешни работи, Никола Димитров вчера соопшти дека македонската влада не вршела, не дала наредба ниту пак планирала разузнавачки активности против или на штета на некоја од соседните земји, вклучувајќи ја и Србија.

Премиерот Зоран Заев во изјава за српскиот весник „Блиц“ изрази надеж дека работите ќе се решат по денешниот телефонски разговор со Вучуќ, закажан за 12 часот на пладне.
.