Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕК ги повика Владата и опозицијата заедно да работат на реформитe

ЕК ги повика Владата и опозицијата заедно да работат на реформитe

Eвропската Унија ги поддржува реформските напори во Република Македонија, а тоа јасно ги вклучува и очекувањата од претстојните локални избори, односно нивното фер и ефикасно спроведување, денеска потенцираше портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, за обвинувањата на македонската опозиција упатени деновиве кон власта дека подготвува изборна измама преку злоупотреба на државните овластувања и капацитети, гласноговорничката на неформалната Влада на ЕУ одговори „ние и претходно јасно кажавме што очекуваме од ПЈР Македонија. Сите се свесни дека ние јасно ставивме до знаење дека новата Влада, заедно со опозицијата, треба да ги остават поделбите на страна и да работат заедно на имплементацијата на итните реформски приоритети и на договорот од Пржино, а со цел да се врати земјата на евро-атлантскиот интеграциски пат. Ние ги поддржуваме реформските напори и тоа јасно ги вклучува и очекувањата кога станува збор за претстојните избори и воопшто начинот како да се напредува кога станува збор за реформите што се многу јасно одбележани“, истакна Коцијанчич.

Како што е познато, официјален Брисел одблиску ги следи подготовките на локалните избори во Република Македонија, со фокус на самиот изборен ден и извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за истите, посебно поради фактот дека се први во мандатот на новата македонска Влада на премиерот Зоран Заев.