Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕК: Фокусот на неформалниот самит во Драч ќе биде на обврските од Трст

ЕК: Фокусот на неформалниот самит во Драч ќе биде на обврските од Трст

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан утре во албанскиот град Драч ќе присуствува на неформалниот состанок на премиерите на западнобалканската шесторка.

Од Европската комисија велат дека во фокусот на состанокот ќе биде имплементирањето на обврските преземени за време на минатомесечниот самит ЕУ – Западен Балкан во Трст, а посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето на акцискиот план за јакнење на регионалната економска интеграција.

– Регионалниот економски простор, договорен на самитот во Трст ќе обезбеди нови можности за бизнис секторот и за граѓаните, ќе го зајакне економскиот раст и ќе отвори нови работни места. Следните конкретни чекори вклучуваат меѓусебно признавање на професионалните квалификации, идентификување и отстранување на препреките за трговија и инвестирање во регионот, воспоставување регионален дијалог за дигитална трансформација и покренување механизми за решавање спорови“, стои во соопштението на Европска комисија.

Од Брисел повторуваат дека Комисијата силно ја поддржува регионалната соработка на Западен Балкан која е составен дел од регионалната перспектива за пристап во ЕУ.

– Таа поддршка се огледа во одржливите инвестиции за поврзување на инфраструктурата, економијата и луѓето од Западен Балкан, како меѓусебно така и со ЕУ“, заклучува ЕК.

На утрешниот неформален состанок на премиерите на западнобалканската шесторка ќе учествува и претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.

Покрај премиерите на владите од регионот и еврокомесарот Хан, на состанокот во Драч ќе присуствуваат и потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, како и претставници на Постојаниот секретаријат на Коморско инвестицискиот форум, првата заедничка институција која ја основаа регионалните економски комори
.