Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕгипет повторно ќе ги скенира тајните простории во гробницата на Тутанкамон

Египет повторно ќе ги скенира тајните простории во гробницата на Тутанкамон

Ново радарско снимање на тајните простории во славната гробница на Тутанкамон ќе биде изведено до крајот на април, изјави за медиуми новоименуваниот египетски министер за старини, Халид ал-Анани.

„Скенирањето беше вршено околу единаесет часови…., но резултатите засега поради научната веродостојност нема да бидат објавени“, изјави министерот Халид ал-Анани во Луксор. Додаде дека резултатите се испратени во САД на анализа и дека исходот може да биде познат во период од една седмица.

Радарското скенирање го изведе заедничка египетско-американска група во соработка со познатиот египетски египтолог Николас Ривес. Во мај ќе се одржи меѓународен научен семинар на кој членовите на споменатата група ќе ги претстават резултатите од истражувањето.

Скенирањето на гробницата на фараонот изведено во март покажа дека постојат две сокриени простории за кои се претпоставува дека во едната од нив се наоѓа гробот на член на семејството на Тутанкамон. Ривес претпоставува дека едната сокриена просторија би можела да биде гробницата на кралицата Нефертити, жената на таткото на Тутанкамон, фараонот Ахенатен.

Радарските анализи направени ланскиот ноември во гробницата на фараонот Тутанкамон во Луксор, на југот од Египет, одеа во прилог на тезата за постоење на тајна просторија во која можеби е погребана славната кралица Нефертити. Досега египтолозите не ја пронајдоа мумијата од според преданијата кралицата со легендарна убавина, која имала силна политичка и религиозна улога во XIV век пред Христа.

Прашањето зошто влијателната кралица би била погребена во соседна просторија до гробот на Тутанкамон, можеби ја објаснува неочекуваната смрт на фараонот на 19-годишна возраст во 1324 година пред Христа, по само девет години владеење, смета Ривес. Бидејќи немале подготвен гроб за Тутанкамон, свештениците решиле да го отворат гробот на Нефертити, само 10 години по нејзината смрт и таму да го погребат фараонот, смета египтологот.

Ривес смета дека муралите на гробницата на Тутанкамон можеби кријат двојна порта, од кои едната води кон гробницата на Нефертити, а другата кон неистражената просторија од периодот на Тутанкамон. Научниците се надеваат дека ова ќе претставува „откритие на XXI век“. Лани требаше да се донесе одлуката за методот на допирање до она што се наоѓа зад ѕидовите, бидејќи гробницата не смее да се оштети, како ниту нејзините насликани ѕидови.

За разлика од гробниците на другите фараони, кои речиси сите се ограбени во текот на вековите, во гробницата на Тутанкамон, кој во ноември 1922 година ја откри египетскиот археолог Хаурд Картер, имало повеќе од 5.000 непипнати предмети стари 3.300 година, повеќето од чисто злато.

извор:Макфакс