Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеЕдна недела по прскањето кое требаше да го намали загадувањето, резултати нема!

Една недела по прскањето кое требаше да го намали загадувањето, резултати нема!

Помина една недела по прво прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат (КМА), но намалување на  загадувањето во Скопје не е на повидок. Воздухот кој го дишат скопјани и понатаму е екстремно загаден. Прашинските честици ПМ-10 и ПМ-25 се сеуште на вртоглаво високо ниво, односно четири до пет пати повисоко од дозволената граница од 50, или поточно 25 микрограми на кубен метар. Во ноќните часови ситуацијата е уште подраматична. Во соседниот град Тетово, пак, ситуацијата е уште полоша иако и тамошните улици добија „КАМ“ третман со прскање.

На граѓаните не им преостанува ништо друго, освен да чекаат воздухот да се прочисти и загаденоста да се намали за 30 проценти како што им беше ветено од надлежните. Улиците во меѓу време станаа лизгави поради прскањето, поради што сега огранилувањето од 50 километри на час, сега е намалено на 40км/ч.

Надлежните велат дека за добивање конкретна слика за ефектите од третирањето на улиците со калциум магнезиум ацетат, ќе мора да се причека уште неколку дена

Градот Скопје почна да ги прска улиците минатата недела. Првиот ден во два наврата беа третирани само трите сообраќајници, „Св. Климент Охридски“, „Св. Кирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“. Надлежните посочија дека тие се одбрани бидејќи во непосредна близина има мерна станица за квалитет на воздухот, па ќе може лесно да се споредат резултатите пред и по прскањето. За потоа да најават дека третирањето со прскање ќе продолжи и ќе се прошири и на други сообраќајници. Од Град Скопје велат дека редовно се добиваат информации за состојбата на мерните места каде што се нанесува средството КМА, но дека за добивање конкретна слика за ефектите ќе мора да се почека уште неколку дена. Тогаш ќе може да се добие средна просечна вредност на количеството честички во воздухот, врз основа на претходно измерените количества и другите параметри кои се важни за добивање на просечните вредности.

cgtjft-18994

И од Министерството за животна средина велат дека се’ уште било рано да се прават какви било анализи и да се согледаат ефектите од третирањето на улиците со средство за намалување на загадувањето. А за да се утврдат ефектите, покрај подолг третман, потребно е да биде опфатена и поголема површина, што ќе значи и повеќе пари кои ќе треба да се потрошат без да се има сигурност дека третманот на улиците помага на Скопје.

„Уште е многу рано за да се каже каков ефект има третирањето на улиците со КМА. Бидејќи времето е кратко и е прскано на мал потег, резултатите не се видливи на нашите мониторинг-станици. Треба да се прска подолго и да биде опфатен поголем потег, оти со едно-две прскања не може да се види ефектот. Од друга страна, ова е првпат да се примени ваква мерка, па никој уште не знае колку пати треба да се повтори. А за да можеме да направиме некаква анализа, треба да се земат предвид многу параметри кои влијаат врз амбиенталниот воздух, како на пример, провев, дожд и слично. Затоа и е потребно подолгорочно да се спроведува акцијата“, вели Сашо Секуловски, портпарол на Министерството за животна средина.

Тој смета дека локалните самоуправи мора да преземат поголема одговорност за квалитетот на воздухот и да изготват катастар на загадувачи. Така би се знаело кој загадува во општината, какво и колкаво е влијанието на урбанизацијата, сообраќајот, греењето. Сите тие фактори треба да се земат в предвид за да може да се спроведат одредени мерки и секако, да се казнува.

„Ние како Министерство имаме обврска само да го следиме квалитетот на амбиенталниот воздух. Мониторинг-станиците се во наша надлежност и податоците од нив се секогаш достапни за граѓаните. Но, мерките се кај локалната самоуправа, исто како и надлежноста на инспекторатите да вршат контроли и да казнуваат. Под ингеренции на Државниот инспекторат за животна средина се само големите капацитети, додека за сите преостанати надлежни се општинските инспектори“, вели Секуловски.

Граѓаните на Скопје и Тетово се крајно револитрани, велат дека загадениот воздух сериозно влијае на нивното здравје, сметаат дека надлежните треба да го спречат, а не да го лечат овој проблем.


Н.С