Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕдинствениот Центар за изгореници во Македонија претворен во магацин

Единствениот Центар за изгореници во Македонија претворен во магацин

Македонија остана без Центар за изгореници откако единствениот, во Градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“ не функционира од јуни минатата година. Овој Центар кој е од витално значење во државата е оставен на забот на времето и сега служи за како магацин, тврдат лекарски извори за НОВА ТВ од болницата.

Откога започна реконструкцијата, во оваа болница нема услови за прием на пациенти со изгореници бидејќи се реновира и одделението за Пластична хирургија. Од вкупно 15 кревети на одделението за Пластична хирургија и четири од Центарот за изгореници, сега капацитетот на одделот се сведува само на шест креветеи.

За ситуацијата да биде уште пострашна пациенти со изгореници не се примаат ниту во болницата „8 Септември“. Таму нема специјализиран оддел за изгореници откако на местото на овој оддел беше отворена кардиохирургија. На скопските клиники пак, никогаш не постоел ваков центар, објаснуваат лекарите.

Според информациите до кои дојде НОВА, пред неколку месеци биле набавени неколку специјални кревети наменети за Центарот за изгореници во болницата „Св. Наум Охридски“, но наводно некој од болницата направил погрешна спецификација и наместо кревети со компјутеризирани системи за проток на воздух, температура и влажност стигнале кревети за друга намена(за пациенти во кома) кои биле сместени на одделот за Интензивна нега. Во болницата се зборува дека менаџментот на болницата дефинитивно се откажал од ревитализација на Центарот за изгореници, особено што за неговото одржување се потребни големи финансиски средства.

“ Ќе биде добро доколку Центарот за изгореници биде под државна капа заради големите трошоци за одржување кои се товар за болницата“, велат лекари од болницата кои сакаат да останат анонимни.

Во ваква ситуација пациенти со тешки изгореници нема каде да се хоспитализираат и да се лекуваат, потенцираат лекарите. Особено, што за нивното лекување се потребни специјални услови, специјализирани кревети бидејќи лекувањето оди многу тешко и постои можност од бактериски инфекции.

Стручната директорка Јасминка Чабуковска тврди дека Центарот за изгореници ќе биде реновиран заедно со одделот за Пластична хирургија кој е во фаза на реконструкција.

„Тие ќе проработат кога ќе заврши реконструкцијата на болницата. Креветите не се погрешно набавени туку еден од нив е сместен на Интензивна нега бидејќи таму лежат пациенти со изгореници кои се зависни од машини за дишење, а Центарот не е поврзан со останатиот дел од болницата на овој начин и таму нема услови за такви пациенти. Со реновирањето овој проблем ќе биде надминат“, изјави Чабуковска за НОВА.

епак, вработени од болницата велат дека такво нешто воопшто не е планирано со реконструкцијата на болницата. Според планот влезот на Центарот за изгореници ќе биде влез за Ургентниот центар кој треба да биде сместен во ценатралниот празен простор кој сега служи како мал двор на болницата. Наводно, овој проект е уште од време на екс директорот Виктор Камиловски. Од фотографиите кои ги направи НОВА може да се види дека влезот на Ценатрот е затрупан со градежни материјали и механизација, прашина, цемент и песок.

Центарот за изгореници беше пуштен во употреба во 2000 година и во него се влегува низ посебен влез од задната страна на болницата. На површина од 100 метри квадратни се сместени операциона сала, просторија за интензивна нега со специјални кревети, како и уште една болничка соба, сето тоа донација од Јапонската Влада.

Лекарите велат дека фирмата која ги одржувала системите, тоа го правела додека имала интерес, односно додека болницата го плаќала одржувањето.

Овој Центар е многу важен бидејќи таму беа сместувани пациенти со најтешки изгореници. Полесните случаи беа хоспитализирани на третиот кат на одделите за Пластична и Детска хирургија. Во Центарот се лекуваа изгорените работниците од Макстил и од други индустриски погони, луѓе што настрадаа во пожарите во струмичко, професионални војници, многу деца со тешки изгореници беа спасени. Лекарите одеа на едукација во странство, се формира и Банка за амнионски мембрани, односно за обновување на кожата.

Со згаснување на Центарот, медицинскиот персонал беше распореден на други одделенија. Според податоците, годишно во овој Центар се лекувале околу 80 пациенти со тешка форма на изгореници.