Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионЕди Рама: Во Црна Гора се чувствувам како во Албанија

Еди Рама: Во Црна Гора се чувствувам како во Албанија

Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Црна Гора е силна потврда на добрососедските односи на двете земји, оцени денес црногорскиот премиер Душко Марковиќ, додека неговиот албански колега кажа дека во Црна Гора се чувствува како во Албанија. На заедничката конференција за новинарите по средбата, Марковиќ соопшти дека владите на двете земји ќе работат на унапредување на соработката и најави одржување заедничка седница на двете влади во Скадар во октомври.

Премиерот Марковиќ изрази и благодарност за поддршката на АЛбанија на црногорскиот пат во НАТО. Тој оцени дека Подгорица и Тирана треба да ги јакнат економската и надворешнополитичката соработка. Марковиќ смета дека има простор и за соработка во секторот на енергетиката, сообраќајот и туризмот. Албанскиот премиер Рама кажа дека најавената заедничка седница на владите на двете земји претставува нов циклус во односите меѓу Црна Гора и Албанија.

Рама, кој според црногорските медиуми во меѓународните кругови се смета за лидер на Албанците каде и да живеат, го коментираше и фактот дека косовскиот парламент речиси две години одбива да го ратификува договорот за границата со Црна Гора. Документот беше потпишан во 2015 година во Виена. Приштинската опозиција, меѓутоа, не сака да поддржи изгласување бидејќи смета дека Косово губи околу осум илјади хектари земја.

„Како трета страна која нема преголеми обврски, можам да кажам дека сум ѝ благодарен на црногорската страна за придонесот во решавањето на ова прашање со надеж дека ќе биде решено на начин на кој треба“, дипломатски одговори Рама.

Инаку изгласувањето на границата со Црна Гора е еден од условите Косово да добие визна либерализација со ЕУ.

Што се однесува на црногорското членство во НАТО, Рама кажа дека се радува што Црна Гора ќе биде 29 членка. Протоколот за пристапување сега треба да го потпише американскиот претседател Доналд Трамп откако претходно го изгласа американскиот Сенат, но треба да го потврди и долниот дом на шпанскиот парламент.