Friday, Mar 29, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈААтомДве децении по Доли, дали јадеме клонирано месо?

Две децении по Доли, дали јадеме клонирано месо?

Доли е најславната овца во историјата, а беше клонирана на 5-ти јули 1996 година во Шкотска и е првиот цицач клониран од возрасната соматска клетка, а дваесет години потоа клонирањето во земјоделски цели се практикува насекаде, но не и во Европа којашто сé уште му се спротиставува на тоа.

Во февруари 1997 година Институтот Рослин од шкотски Единбург го објави доаѓањето на свет на клонираната овца и тоа извонредно научно достигнување веднаш предизвика полемика за можната примена на техниката и врз човечко суштество. Животот на овцата Доли воопшто не беше лесен. Прерано остаре, боледуваше од артритис и болести на белите дробови, па беше евтаназирана во 2003 година, а нејзините препарирани останки се чуваат во Шкотскиот национален музеј.

Клонирањето е сложена технологија, а во случајот на Доли научниците клонирале клетка која била дел од млечната жлезда на возрасна овца. Извршиле соматски клеточен нуклеарен трансфер во кој клетката се става во јајце без јадро, а потоа две ќелии се спојуваат и се развиваат во ембрион кој е всаден во матката на овцата.

„Во сточарството клонирањето се смета за помошна техника при репродукцијата на животните“, вели за AFP Жан-Луј Пејро, научник во Францускиот институт за агрономски истражувања. Целта е да се подобри стоката со таа многу скапа техника, која чини повеќе од 10.000 евра по животно, додава тој.

Американските приватни компании клонирањето на животните го вршат поради подобрувањето на генетските вредности, на пример, крава која дава многу млеко. Американската администрација за храна и лекови (FDA) одобри во 2008 година комерцијализација на производи од клонирани животни и нивните поколенија, оценувајќи дека „подеднакво се безбедни, како и конвенционалното животно“.

И покрај нискиот успех, од 15 до 30 отсто, клонирањето продолжува во САД. Клонирањето во сточарството го практикуваат и Аргентина, Бразил и Австралија, а Кина од 2015 година објави градење фабричка инфраструктура за клонирање разни животни.
doli kolonirana ovca muzej
Две глави, три нозе
Јавноста во Европската унија силно му се спротивставува на клонирањето и од 1997 година Унијата припишува да се побара одобрение за секое ставање на клонираните производи на пазарот. Досега ниедно такво барање не е поднесено.

Меѓутоа, стручниот извештај за Европската комисија ја дозволува „можноста“ храната којашто потекнува од потомци на клонираните животни да се најде на менито на европските потрошувачи. Причина за тоа е увозот на месо и млечни преработки од трети земји, како и увозот на живи животни и генетски материјал за животинска репродукција во Европската унија.

„Европејците недвосмислено и без да занаат јадат месо кое потекнува од потомците на клонови во недостиг од целосно етикетирање, од почетокот на процесот на производство“, вели Паулин Констант, портпаролка на Европското биро на здруженијата на потрошувачите коешто ја повикува Европската комисија да стори повеќе за да го контролира овој процес..

Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) не е загрижена за здравјето на луѓето, туку предупредува на „патењето на животните“ настанати со клонирање. Предупредува на големата смртност на ембрионите, на тешки нарушувања и тешки болести, тешкото носење на младенчињата на свет и слично.

Европскиот парламент побара во септември во ЕУ да се забранат не само одгледувањето на клонираните животни, туку и производите коишто потекнуваат од нивните потомци. Стручниот извештај говори дека е извонредно скапо евентуалното етикетирање на прехранбените производи добиени од клонираните животни, во прв ред тоа важи за свинското месо.

Европското биро на здруженијата на потрошувачите сепак заговара таква мерка и истакнува дека „потрошувачите имаат право да знаат што ставаат во чиниите“, пишува AFP.

Макфакс