Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДваесет години од атентатот врз Киро Глигоров

Дваесет години од атентатот врз Киро Глигоров

На 3 октомври, пред 20 години беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди во главата.

На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и дека е само среќна околност што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движешел од неговата резиденција кон Собранието на Република Македонија.

Експлодира „цитроен ами 8“ во кои биле сокриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ било забавено од едно „фиќо“. Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.