Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионДури 11 Руси меѓу уапсените за нападот во Истанбул

Дури 11 Руси меѓу уапсените за нападот во Истанбул

Турските власти вчера уапсија уште 17 осомничени од кои 11 се руски а 6 се турски државјани, кои се обвинети за вмешаност во тројниот самоубиствен бомбашки напад во истанбулскиот меѓународен аеродром „Мустафа Кемал Ататурк“ во кој беа убиени, според последните податоци, 45 луѓе и стотици беа ранети. Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека нападите биле дело на џихадистите на Исламската држава од поранешниот Советски сојуз.

Со вчерашните апсења, вкупниот број притворени за нападот се зголеми на 30, откако од претходните триесетина лица уапсени во врска со тројниот бомбашки напад од 28-ми јуни вечерата 13 беа задржани во притвор. Тројца од уапсените во неделата се странски државјани. Според последните податоци, во нападот загиналe 45 луѓе, од кои 19 се странски државјани, а 239 луѓе се повредени.

Иако ниедна група не ја презема одговорноста за нападот, турскиот премиер Бинали Јилдирим, како и многу антитерористички експерти, изјави дека нападот ги носи сите обележја на Исламската држава.

„Нападот е целосно во манирите на Исламската држава, изведен е со нивните методи“, изјави вчера турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, по молитвата во истанбулската џамија по повод Рамазан бајрам, празникот кој го означува завршувањето на светиот муслимански месец рамазан.

„Тоа се луѓе од Дагестан (немирната муслиманска кавкаска република во Руската Федерација – з.р.), Киргистан и Таџикистан“, додал Ердоган споменувајќи ја руската севернокавкаска покраина и двете поранешни советски држави во централна Азија.

Сите 17 лица уапсени вчера се обвинети за „членување во вооружена терористичка организација“ и ќе останат во притвор, пренесе новинската агенција Dogan (DHA).