Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДУИ: Изјавите на Иванов се клевета

ДУИ: Изјавите на Иванов се клевета

Претседателот продолжува со инатот и подбуцнувачката реторика – оценија партиите. ДУИ реагираше и ги негира тврдењата на претседателот Ѓорѓе Иванов за австриски „Винер цајтунг“ за наводниот телефонски повик кој бил причина да не се случи коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

– Првин, ги негираме овие наводи, станува збор за клевети. Ниту еден фактор од надвор не влијаеше врз одлуката на ДУИ. Нашата одлука беше консензуална и внатрепартиска токму во моментот кога констатиравме дека коалицирањето со ВМРО не ги исполнува нашите очекувања во оваа констелација. Така што уште еднаш ќе ги отфрлам овие клевети кои Иванов ги користи за дневна политика. Ние сметаме дека политичките партии треба да го почитуваат потпишаниот договор во Скопје и во интерес на граѓаните е да излеземе од кризата што поскоро – изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ, за Алсат М.

Од движењето БЕСА, интервјуто на Иванов го оценуваат како подбуцнувачко и велат дека тој продолжува да се однесува како партиски војник, наместо како виистински претседател на сите граѓани.

– За жал, Иванов не ја игра улогата на претседател на сите граѓани на Македонија, туку сè уште се однесува како партиски војник на ВМРО-ДПМНЕ. Друг важен момент беше и неговата изјава за пропаѓањето на коалицијата меѓу ВМРО и ДУИ. Тој кажа една вистина којашто сите ја знаевме, но никој не ја кажал експлицитно. Тој рече дека тие веќе биле договорени за соработка во идната Влада, по што се случил телефонски повик што ја урнал соработката. Ова со други зборови значи дека тие сè уште ја продолжуваат нивната љубовна врска и бидејќи може да очекуваме друг телефонски повик кој повторно ќе ги соедини – вели Зеќирија Ибрахими од Движењето Беса.