Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДС: Институциите станаа зависни од криминалните структури во партиско-државниот врв

ДС: Институциите станаа зависни од криминалните структури во партиско-државниот врв

Демократскиот сојуз денеска соопшти оти смета дека треба да профункционира широк народен демократски фронт, кој ќе овозможи мирен трансфер на власта и ќе се „справи со новопечените богаташи, нарко-босови и олигарси, кои ја срушија државата и надежта на младите генерации“.

Од партијата на поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Павле Трајанов, велат дека високиот степен на криминализација ги разори сите институции, кои „станаа зависни од криминалните структури во партиско-државниот врв“, поради што државата и понатаму тоне во сè подлабока криза и неизвесност.

„Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое треба да се справиме на ефикасен начин. Со овој „октопод“ не можеме да се справиме, ако не го „удриме“ со чекан по главата. Најдобра слика за криминалот во кој западна државата ни испраќа Собранието, каде под стегите на организираниот криминал, се блокира изборот на претседател на парламентот и избор на нова влада на Република Македонија, без да има механизам за одговорност на опструкторите на демократските процеси“, стои во соопштението на ДС.

Од партијата нагласуваат дека со недавањето на мандат за составување влада, претседателот Ѓорге Иванов и понатаму го крши Уставот и ја злоупотребува службената положба, а со образложението зошто не го дава мандатот, директно поттикнува на меѓунационален раздор и нетрпеливост.