Saturday, Mar 30, 2024
HomeДЕНЕШНАСветДржавјанства за млади Британци најави германскиот вицеканцелар

Државјанства за млади Британци најави германскиот вицеканцелар

Германскиот вицеканцелар, Зигмар Габриел денеска изјави дека Германија треба да им даде државјанство на младите Британци кои што живеат во земјата затоа што референдумот за излегување од ЕУ бил изгласан благодарение на повозрасните гласачи во Англија и Велс.

Резултатите од референдумот во Велика Британија предизвикаа поделби како меѓу младите и старите, како и меѓу регионите на кралството, при што за разлика од Англија и Велс каде што мнозинството беше за напуштање на ЕУ, во Шкотска и Северна Ирска доминантен беше ставот за останување.

– Поради тоа ние не треба да го повлечеме подвижниот мост со Велика Британија, изјави Габриел на конференција на неговата Социјалдемократска партија, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Габриел, кој е и министер за економија, смета дека Германија треба да размисли на младите Британци кои што живеат во земјата да им понуди државјанство. Вицеканцеларот тврди дека неговата партија секогаш се залагала за постоење на можност за добивање на двојно државјанство.

– Ајде да им понудиме на младите Британци кои што живеат во Германија, Италија или Франција да можат да останат граѓани на Европската Унија, изјави Габриел со чие размислување се согласуваат и „Зелените“ кои претходно предложија олеснување на процедурата за добивање на германски пасош за младите Британци во Германија.