Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаДржавата повторно доцни со поврат на ДДВ – Фирмите страдаат

Државата повторно доцни со поврат на ДДВ – Фирмите страдаат

Се поголем број стопанственици се жалат дека државата повторно одолговлекува со процесот на враќање на веќе платениот ДДВ. Јавно не сакаат да зборуваат, но анонимно, предупредуваат дека состојбата веќе станува загрижувачка, пишува Дојче веле.

Ако до неодамна процесот се одвивал во поднесувачки рамки, ситуацијата сега станува неподнослива: „Катастрофа, ми должат повеќе од половина милион евра за данок на додадена вредност и тоа од крајот на минатата година. Доведен сум буквално на работ. Едвај функционирам и принуден сум да се задолжувам и да плаќам камати за да можам да работам, да делам плати на врабоените. А за што? Затоа што некој е несериозен и си игра со нас како стопанственици. Па кој може да го издржи ова, посебно во овие услови кога поради кризава веќе никој ништо и не работи а верувајте и не сака да плати“, алармира сопственик на производствен погон кој сака да остане анонимен.

Надлежните смируваат, податоците се тајна Стопанствениците алармираат, но надлежните смируваат. Обврската за поврат на ДДВ велат дека генерално се почитувала, со одредени исклучоци пред се поради процедурални причини. Сепак податокот околу тоа за колкава сума станува збор се чува како врвна тајна. Но затоа редовно и во детали се објавува црната листа со должници, која пред ѕидот на срамот обелоденува имиња на фирми, здруженија, граѓани кои доцнат со своите обврски кон државата. Последно објавената вкупно тежи 256 милиони евра. Меѓу другото таа откри и дека државата е најголем должник на државата, односно дека повеќе јавни претпријатија и државни фирми должат милионски суми. Проблемот со наплатата и повратот на ДДВ не е омилена тема на власта која за ова ретко сака да зборува а уште помалку и да признава одговорност. Исклучок беше 2012. година кога по огромни притисоци од јавноста и континуирани негирања дека воопшто има долг, власта јавно призна дека му должи пари на стопанството.