Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаДруштвото на спортски риболовци „Вардар“ и ДОМ апелираат за спас на реките и рибите

Друштвото на спортски риболовци „Вардар“ и ДОМ апелираат за спас на реките и рибите

По поморот на риби кои се случи во неколку реки, Друштвото на спортски риболовци „Вардар“ и ДОМ апелираат за спас на македонските реки. Да се заштитат рибите и целиот жив свет во реките, a покрај тоа да се спасат од загадувањето и уништувањето предизвикано од човечката алчност и негрижа на истите.

– Имено, најголем дел од рибите гинат поради бизнисот со сепарациите. Реките се загушени од сепарации за вадење песок, кои работат непрописно и без ничија контрола, а немаат ни соодветни таложници и филтри ниту пак функционираат онаму кај што ги има.

Вака се заматува водата, а од нечистотијата се загрозува просторот на рибите за живот и мрестење, па доаѓа до нивно гушење и угинување. Има многу такви примери на масовен помор на риби. Последните беа на Треска и на Вардар каде настрадаа неколку тони риба. Со вакво постојано загадување се рибите и живиот свет во реките Лепенец, Пчиња, Маркова река, Кадина река, каналот Таор – изјави портпаролот Тони Ристов.

Покрај уништувањето на биодиверзитетот штети трпат и самите рекреативни риболовци, кои се под постојани контроли и притисок од разни институции. Иронично е што се гонат оние што се најголеми чувари на рибниот фонд и природата, кои вршат порибување и плаќаат за спортски риболов, а притоа се остава простор за рибокрадството и уништување на природата.

Затоа од институциите бараме: Поддршка на рекреативните риболовоци и нивните активности за заштита на реките и рибниот фонд, Строга контрола на загадувањето од сепарациите и други стопански активности, Конечно одредување на биолошкиот минимум неопходен за одржување на живиот свет – рече Ристов.

Секретарот на Друштвото на спортски риболовци „Вардар“ Кирил Ивановски во своето обраќање истакна дека овие барања се од спортските риболовци, а соработката со ДОМ е нормална заради еколошката блискост на програмските активности кои ги има здружението. Ние во континуитет документирано ги следиме состојбите со работењата на сепарациите на скопскиот риболовен прелив и пошироко (Лепенец, Пчиња, Бадар, Бистренци – Неготинско) и констатиравме нарушувања кои негативно влијаат врз животниот простор на рибите. Овие сепарации немилосрдно го уништуваат проторот и вообичаено работат во период кога надлежните органи не можат да вршат инспекциски надзор. Нивното работење е надвор од прописите, бидејќи сепарациите смеат да вршат суво ископување на песок според добиените Б – интегрираните дозволи, а не од речните корита.