Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаДоживотен затвор за Алмир Дрпљанин за убиството пред МПФ

Доживотен затвор за Алмир Дрпљанин за убиството пред МПФ

Скопјанецот Алмир Дрпљанин денеска доби доживотна казна за убиството на полицаецот Африм Арифи кај Природно-математичкиот факултет во ноември во 2008 година. Триесет и шестгодишниот Дрпљанин со години наназад беше недостапен за органите на прогонот.

Тој за убиството што се случи на 28 ноември 2008 година, во отсуство, беше осуден на максимална затворска казна, како и Реџаиљ Ќерими-Реџо (47) од Липково и Агим Ислами (33) од Скопје. Рамадан Шакири (20) од Арачиново, за помагање на сторител по извршено кривично дело, беше осуден на шест години затвор.

Дрпљанин беше екстрадиран од Косово во 2012 година, по што неговите адвокати бараа повторување на судскиот процес, што беше прифатено од судот.

Адвокатите тврделе дека Дрпљанин за време на убиството не бил во земјава, но не приложиле докази за тоа. Судијата Владимир Туфегџиќ рече дека сите негови дилеми се расчистиле кога вработен во занаетчиска работилница потврдил дека обвинетиот побарал од него изработка на регистарски таблички за возилото кое било користено во нападот на „алфите“.

Настанот за кој Дрпљанин е неправосилно осуден се случи на паркингот кај ПМФ каде што, од возило „голф“, од автоматско оружје беше стрелано во службеното возило „мазда“ во кое биле полицајците. На местото на нападот биле истрелани повеќе од 70 куршуми, а од бројните повреди на самото место почина полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги се здобија со тешки телесни повреди.