Thursday, Mar 28, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈФудбалДортмунд формира застрашувачки напад, пристигна нов Германец!

Дортмунд формира застрашувачки напад, пристигна нов Германец!

Германскиот репрезентативец пристигна на „Вестфален“. Андре Ширле се наоѓа пред потпис на договор со Борусија Дортмунд, она за што се шпекулираше сега е потврдено, клубовите се договориле, а сега преостануваат само медицинските прегледи. Германскиот репрезентативец и поранешен фудбалер на Челси ќе премине во Дортмунд од Волфзбург, за сума од 32 милиони евра, пренесува германскиот „Билд“.

Следен е Марио Геце, преговорите се при крај, па „јуда“ како што го нарекуваа навивачите откако ги напушти „Милионерите“ за да премине во Баерн ќе се врати во клубот во кој се афирмираше. Тренерот Тухел ќе има фантастичен офанзивен квартет, зад Обамејанг ќе бидат Ширле, Геце, Ројс, а покрај тоа, ова лето во Дортмунд пристигна одличниот Португалец Гереиро од Лориен кој на ЕВРО 2016 покажа дека е полн погодок, дефанзивецот Марк Бартра, како и уште еден фудбалер на Баерн, Себастијан Роде.

Со тоа, Дортмунд успеа и да ги победи најголемите европски ривали за потписот на Дембеле од Рен кој важи за еден од најголемите таленти на денешницата. Сепак, мораа да продадат и три клучни имиња како Гундоган на Манчестер Сити, Хумелс на Баерн и Михтарјан на Манчестер Јунајтед, па тешко е да се верува дека и оваа сезона ќе можат да се носат со Баварците.