HomeДЕНЕШНАСветДоналд Трамп неофицијално го откри својот план за Сирија

Доналд Трамп неофицијално го откри својот план за Сирија

Доналд Трамп

Новоизбраниот претседател побарал неофицијално да разговара за ова прашање, за кое е загрижен целиот свет. Кога Доналд Трамп беше во екот на кампањата, тој одбиваше да даде премногу детали за тоа како би се соочил со предизвиците наречени ИСИС и Сирија, за наводно да не му ги издава работите на непријателот. За тековната операција на коалицијата за заземање на ирачкиот град Мосул тогаш Трамп рече: „Зошто не можат да се прикраднат и да нападнат?“

Сега, кога е новоизбран претседател и кога е целосно воведен во разузнавачките информации за војната во Сирија, за конфликтот во кој загинаа околу 500.000 луѓе и се раселени повеќе од 12 милиони, господинот Трамп е малку поодмерен, но е подеднакво таинствен, вели Индипендент.

На средбата со новинарите од Њујорк тајмс во вторникот, која беше официјална и се снимаше, 70-годишниот иден претседател на САД побара камерите да се изгаснат и да зборува неофицијално за еден посебен аспект од сириската криза.

„Можам да го кажам само ова: ние мора да му ставиме крај на тоа лудило што се случува во Сирија“, рекол Трамп. „Една од работите што ми беа кажани – може да го кажам ова неофицијално или сè се снима?“

„Не сакам да прекршам, не сакам да го прекршам…“, додал тој.

Новинарите престанале да снимаат и разговорот неколку минути продолжил доверливо. Деталите не се вклучени во подоцнежниот запис на весникот.

Инцидентот го искоментираа неколку коментатори, меѓу кои и Џон Вилијамс, поранешен уредник на рубриката Свет на Би-би-си, кој сега живее во Њујорк, каде што е уредник за надворешна политика на Еј-би-си њуз.

Вилијамс напиша на Твитер: „Доналд Трамп сигнализира голема промена во Сирија – но записот покажува дека за тоа зборувал неофицијално.“

За време на кампањата Трамп навести неколку работи што би ги направил во врска со сириската граѓанска војна, која трае веќе пет години, и во врска со сирискиот претседател Башар ал Асад.

Тој посочи дека борбата против ИСИС треба да биде прв приоритет на САД во таа земја, а не соборувањето на Асад. Администрацијата на Обама се обидуваше да го симне од власт сирискиот лидер и во исто време да се бори со ИСИС.

„Воопшто не ми се допаѓа Асад, ама Асад ја убива ИСИС. Русија ја убива ИСИС и Иран ја убива ИСИС“, рече тој во една дебата.

Во интервју во почетокот на оваа година за Вол стрит џурнал тој рече: „Јас имам спротивен став со голем број луѓе во врска со Сирија. Мојот став е – вие се борите со Сирија, Сирија се бори со ИСИС, а вие мора да се ослободите од ИСИС“.

Тој, исто така, јасно ја стави до знаење својата желба да ги „пос*ре од бомбардирање“ нафтените операции на ИСИС и рече дека може да бидат потребни и до 30.000 американски војници за да се порази групата.

Иако не се заложи за испраќање толкав број американски војници во регионот, тој предложи промена на меѓународните правила што забрануваат војската да употребува тортура. Тој, исто така, предложи да се убиваат членовите на семејствата на терористите за да се одвратат другите терористи.

А во коментарите што американскиот естаблишмент ги смета за контроверзни Трамп навести дека би можел да има пофлексибилен пристап кон Русија и да ја поздрави нејзината борба против ИСИС, иако Владимир Путин му помага на својот долгогодишен сојузник Асад да остане на власт.

Пред да побара да се исклучат камерите на Њујорк тајмс, Трамп рекол дека од суштинско значење е „да се реши тој проблем, бидејќи ние едноставно постојано ќе се бориме, ќе се бориме бесконечно“.

Ендрју Таблер, експерт за Сирија во Институтот во Вашингтон, изјави за Индипендент дека Трамп претходно најавил дека најверојатно ќе го прекине финансирањето на бунтовниците против Асад во Сирија.

Тој е уверен дека Трамп може да биде отворен кон идејата за поделба на земјата на два дела, идеја што има голема поддршка во Вашингтон. Тој рече дека откако е воведен во актуелните американски разузнавачки информации, Трамп сега би требало да знае дека Асад има само 25.000 резервни војници за да се обиде да ја заземе територијата што во моментов е во рацете на ИСИС или на бунтовниците што се против него.

„Мислам дека тој ќе сака да постигне дипломатски договор со Русија“, рече тој. „Тој има неколку опции. Но ќе сфати дека таму ништо не е јасно.“

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com