Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаДокторите протестираат за подобри услови и фер третман

Докторите протестираат за подобри услови и фер третман

Докторите и медицинскиот персонал од клинички центар излегоа на протест најпрво да покажат солидарност со нивниот колега Љубомир Огненовски кој беше застрелан во ногата, како и да побараат фер третман и подобри услови за работа. Организирани самоиницијативно и од Самостојниот синдикат клиниките упатија пораки дека мора да бидат рамноправен партнер на Министерството за здравство и институциите во носењето на законската регулатива вклучувајќи го и новиот Закон за лекарска дејност, почит за младите доктори и специјализанти и медицинските сестри со средно образование и долгогодишо искуство, пренесува ПлусИнфо.

protest lekari klinicki  (1)

– Апсолутно сме на страна на пациентите, во ниту еден момент не ни доаѓа на памет да е поинаку, целиот живот сме го посветиле на пациентите. Но, акумулираните проблеми не се наша грешка. Ова е крајно време заеднички да го подобриме системот. Сакаме коректна соработка, не ни требаат турбуленции, што и да направиме, на крај пак треба да седнеме и да преговараме. Сметам дека треба во овој момент да седнеме и да направиме функционален здравствен систем кој ќе биде добар првин за пациентите, а потоа и за здравствените работници – рече Беговиќ претседател на Самостојниот синдикат.

Емилија Стојановска од Клиниката за дигестивна хирургиа истакна дека овие денови сите сочувствуваат со докторот во кого беше пукано, сите се повредени и во страв.

– Веруваме дека заеднички ќе ги надминеме овие моменти и уште посплотени ќе продолжиме со нашата мисија. Секогаш сме биле во служба на пациентите на сметка на нашите најблиски и никогаш, па ни сега нема да има дилема во тоа. Пациенти ние сме со вас, не сме против вас. Револтирани сме од понижувачкиот статус на здравствените работници и соработници кој е резултат на долгорочните политики во здравството кои доведоа до омаловажување и деградирање на здравствените работници. Револтирани сме од невидената хајка против лекарите како недоволно едуцирани, корумпирани и неодговорни и непријателско настроени кон пациентите и директно вперување на прст кон нив како главни виновници за несаканиот исход од лекувањето на пациентот – рече Стојановска.

Подобрување на состојбата очекуваат и од потпишаната повелба со Министерството за здравство за заштита на достоинството на лекарската професија.

Извор: ПлусИнфо