HomeДЕНЕШНАСвет„Добродојдовте во ЕУгославија“. Дали европската унија ќе ја доживее судбината на балканската?

„Добродојдовте во ЕУгославија“. Дали европската унија ќе ја доживее судбината на балканската?

Европското издание на „Политико“ повлекува паралела помеѓу распадот на поранешна Југославија и кризата во Европската унија со наслов „Добродојдовте во ЕУгославија“.

Федерика Могреини, високата претставничка на Европската Унија во Њујорк ги повика шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан, во обид да ги смири тензиите во регионот. Според неофицијални дипломатски извори од Брисел, состанокот во Њујорк бил „тешка и сосема отворена размена намислења“ со ветувања од сите страни дека ќе се работи на намалување на тензиите.

„Политико“ истовремено смета дека после одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија – „Балканот е сеприсутен во новонастанатата ЕУ од 27 земји членки“ и нагласува дека „настанувањето на новите подгрупи во ЕУ е знак на лошата ситуација во Унијата“.

Во анализата на „Политико“ се наведува дека досегашната поделба во Европската Унија на северен блок на чело со Германија и јужниот блок предводен од Франција, сега е сериозно нарушена поради тоа што економската и политичката криза во Унијата „родиле“ нови подгрупи.

Последица од напуштањето на Велика Британија на Европската Унија беше „збиеноста“ во редовите на средоземните земји (Грција, Франција, Италија, Португалија, Шпанија, Кипар и Малта). Овие земји според „Политико“ имаат за цел да постават брана на блокот на чело со Берлин кој е обвинет за „запоставеноста“ на овие земји на економски план.

Од друга страна, „Политико“ вели дека во централна Европа сега има нова сила во „заспаната Вишеградска група“ која сега заедички им се спротиставува на Германците на „наредбите“ од Берлин дека треба да прифатат одреден број на бегалци.

„Една од најзагрозените земји од приливот на мигрантите, Австрија, создаде сопствен сојуз, а тоа се Германија, Грција, кандидатските земји на Балканот, а сите страни овој викенд ќе се состанат во австриската престолнина Виена“, пишува „Политико“.

„Политико“ напоменува дека ниту во мирните времиња не било толку едноставно земјите членки на Европската Унија да се согласат за нешто така лесно. „Како бунтовничка војска“, пишува политичкиот магазин, „членките едноставно ги игнорираат обидите на Берлин да наметне дисциплина, посебно кога станува збор за политиката кон бегалците“.

Во анализата се наведува и мислењето на директорот на берлинскиот институт за глобална јавна политика, Торстен Бенер, дека тоа е „показател на длабоко лошата состојба во Европската Унија, но факт е дека и на многу мал број на полиња се уште постои поширока согласност“.

Исто така, „Политико“ пишува дека Вишеградската група составена од Чешка, Словачка, Унгарија и Полска има одбивен став кон муслиманите, а истовремено различни погледи на односите со Русија. Од друга страна, членките на „Вајмарскиот триаголник“ – Франција, Германија и Полска, како што укажува „Политико“, имаат заеднички и спротиставени ставови околу разни прашања, а групата на „средоземните членки“ во меѓувреме настојува да ја усогласи политиката и бара заеднички иницијативи за економијата, безбедноста и политиката.

„Вистинското прашање е каде распарчувањето ќе ја однесе Европа“, се предупредува во анализата на „Политико“ и се додава дека „тоа со што Европската Унија мора да се соочи во идните месеци е многу посериозно од квотите за распределување на бегалците и заштитата на границите, затоа што за тоа малку се зборува, а „слонот во собата“ е и натаму ситуацијата со еврото“.

„Ако еврото пукне, цела Европа ќе се распадне“, заклучува „Политико“ во својата анализа, цитирајќи ги мислењата на експертите.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com