Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаДимовски обвинува дека буџетот е неразвоен, Тунтев тврди дека се крати само тоа што не може да се реалицита

Димовски обвинува дека буџетот е неразвоен, Тунтев тврди дека се крати само тоа што не може да се реалицита

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на пленарната расправа за ребалансот на буџетот во Собранието, истакна дека со измените кои се направени ќе се забави развојот и економијата ќе стагнира.

Тој додаде дека има кратење на капиталните инвестиции за 58 милиони евра, а зголемување на проекцијата за задолжување за 148 милиони евра.

– Со ребалансот на буџетот предвидени се 23 милиони денари помалку на Секретаријатот за европски прашања, 21 милион денари помалку за Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, 667 милиони денари помалку за опрема на АРМ, 60 милиони денари помалку за реформи во МВР, 35 милиони денари помалку за развој на туризмот, 45 милиони денари помалку за технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), 39 милиони денари помалку за животната средина, 49 милиони денари помалку за канализациски мрежи и за одводни канали – изјави Димовски.

Тој додаде дека иако од СДСМ велат дека се кратат непродуктивни трошоци, сепак се крати и од образование и од инвестиции.

– Кај универзитетите кои изведуваат настава на македонски јазик, има кратење на буџетот, а кај универзитетите кои изведуваат настава на албански јазик има зголемување на средствата – додаде Димовски.

Според него, со ваквата проекција на ребалансот на буџетот, нема да се оствари предвиденот економски пораст од 2,2 проценти и тој нема да достигне ниту 1,5 отсто. Тој забележа за тоа што ниту еден од поднесените амандмани на опозицијата не бил усвоен.

На ова, пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, му одговори дека се прави ребаланс на буџет донесен од претходната Влада и затоа голем дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ можеле да бидат составен дел од тој буџет. Но, кога како опозиција ги поднеле, тие биле отфрлени.

Тунтев, исто така, додаде дека со ребалансот на буџетот е скратено таму каде што не постоела шанса да се реализира предвиденото.

– Ако проектирате буџет со вредност 10, а знаете дека од тие 10 се остваруваат 7, зошто да не се скратат тие три? ВМРО-ДПМНЕ донесе популистички буџет заради изборите, набилда инвестиции знаејќи дека не можат да се остварат – додаде Тунтев.

Во однос на задолжувањето, тој кажа дека ако се продолжело со неразумното трошење, тогаш биле потребни една милијарда денари секоја година за државата да не банкротира.

– Задолжувањето во непродуктивни инвестиции не враќа додадена вредност. Не може Македонија со ваква економија да живее без задолжувања. Но, ниту Меѓународниот монетарен фонд, ниту Светска банка не ни забележувале дека се задолжуваме, туку за што се задолжуваме – додаде Тунтев.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата пред 14 часот и продолжението на расправата за ребалансот на буџетот ќе продолжи в четврток, на 3 август, во 11 часот.