Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров: Владата не наредила разузнавачки активности против Србија

Димитров: Владата не наредила разузнавачки активности против Србија

Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димотров, на денешната прес-конференција, одговарајќи на обвинувањата на неговиот српски колега Ивица Дачиќ дека српските дипломати во Скопје биле прислушувани, заплашувани и следени.

Димитров, како што пишува „Мета“, истакна дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења поради што не сакаат да навлегуваат во шпекулации кој би можел да врши вакви активности.

Тој рече дека суштинскиот пристап на новата Влада е решавање, а не создавање на проблеми.

– Успехот на нашите соседи е и наша успех, а нашиот успех е успех и за соседите – рече Димитров.

Според Димитров, ако постојат недоразбирања, тие треба да се решаваат во директен разговор.

– Во неделата, веднаш по добивањето на нотата, го побарав Дачиќ, но не го добив. Вчера преку македонската амбасада во Белград побаравме телефонски разговор кој наверојатно ќе се случи утре – изјави Димитров.

Во однос на обвинувањата за разузнавачка офанзива тој истака дека единствената офанзива која ја спроведува новата Влада е онаа на развој на пријателство и решавање проблеми. Во контекст на тоа, тој го спомена Договорот со Бугарија, планираната заедничка седница со владата Албанија и посетата на Атина.

Во врска со инцидентот со македонскиот конзул во Канада кој беше фотографиран со мапа на Голема Македонија рече дека нема да дозволи однесување кое што излегува надвор од Уставот на Македонија и не е во интерес на државата.

– Сликање со мапа не е политика на Министерството за надворешни работи, ниту на Владата – рече Димтров додавајќи дека конзулот е повикан на консултации, а посебна комисија ќе го разгледа случајот и дека вакви случаи повеќе нема да бидат толерирани.